Петровска: Оваа година ќе почне реконструкцијата на најмалку пет дополнителни објекти од значење на одбраната и Армијата
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска ја посети касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, каде што е сместена Првата пешадиска бригада, која е и најголема единица на Армијата.
Во касарната во Петровец министерката изврши обиколка на армискиот објект, кој по четиримесечната реконструкција, денеска претставува вистински репрезент за НАТО-армија, во која стандардот на припадниците и нивните услови за работа се прв приоритет.
„Драго ми е што бројките и фактите што ги претставуваме, а се однесуваат на подобрувањето на условите за работа на армиските припадници, денеска ги гледаме во реалноста. Времето во кое армиските објекти се оставени на забот на времето заврши и затоа решително и плански објектите што ѝ се потребни на Армијата ќе го имаат и ликот достоен за армија и држава членка на НАТО“, рече министерката Петровска при обиколката.
Целосната реконструкција на објектот чинеше 21,7 милион денари и опфати замена на електрична и водоводна инсталација, инсталација за греење, нова покривна конструкција, нови прозорци, реконструирани санитарни јазли, целосна замена на врати и подови, како и поставување термичка фасада. Во согласнст со планот за повисоки еколошки стандарди во одбраната, наречен екоодбрана, објектот се реконструира и со цел зголемување на неговата енергетска ефикасност. Според планот на Министерството, оваа година ќе почне реконструкцијата на најмалку пет дополнителни објекти од значење на одбраната и Армијата.
Во касарната во Петровец министерката Петровска ја отвори и новата спомен-соба посветена на Првата пешадиска бригада, која сведочи за долгата традиција на оваа единица како наследник на 14. Македонско-младинска народноослободителна ударна бригада формирана во 1944 година и на Кичевско-мавровскиот партизански одред.
„Не постои доволно голема просторија која може да го собере сето она што е направено во нашата држава и од вас, кои сега ја носите оваа униформа и тоа го правите со гордост, и од сите оние што ги положија животите за државата. Темелите на оваа држава се многу значајни за сите нас и ме радува фактот дека по триесет години и сите стратешки цели што ги постигнуваме и се развиваме, тие се битни за сите нас. Ваквите спомен-соби се само уште еден поттик да создадеме еден голем воен музеј зашто македонската Армија има традиции од многу одамна“, рече министерката на отворањето на спомен-собата.
