Лицем патриоти, срцем русољубци
Пишува: Марјан Николовски/Религија
Случајот со Украинската православна црква – Московска патријаршија (УПЦ-МП), многу прецизно ги разобличи големите македонски патриоти, во и околу МПЦ-ОА. Не сакајќи русољубието им се распосла врз лажниот патриотизам како бела прекривка врз мртовец, не разбирајќи дека бранејќи ја УПЦ-МП, ја посипуваш со пепел сопствена црква, a патриотизам за кој проповедаш ти се трансформира во популистичка флоскула.
Но, МПЦ-ОА е сега автокефална, нели? А, две години се доволни да за заборави сопствената црковна историја. Да рониш крокодилски солзи за административниот статус на УПЦ-МП во Украина е исто како да си плачел 20 години за административниот статус на ПОА во Македонија … Ако било така, тогаш е разбирлива и оваа натаженост, ама ако си се сител, си застапувал ставови и тези што денес ги спроведуваат украинските власти во Киев, по чему побогу сега свириш туѓи ноти?
Украина донесе закон со кој забранува функционирање на црковна организација поврзана со Москва. Донесе таков закон после две години крвнички обид на Путин, благословен од Кирил да окупира и избрише од историјата една независна држава и еден народ кој себе си не сака да се поистоветува со руски идентитет.
Македонија има закон според кој не може да биде регистрирана повеќе од една верска заедница или Црква со идентично учење. Тој закон го донесе во 2007 година, без никакви опасности за каква било воена или друга агресија на соседна држава. Го донесе по барање на МПЦ-ОА за да го заштити интересот на МПЦ-ОА, издигнувајќи го на национален интерес, а плашејќи се дека токму ПОА (која веќе пет години беше оформена како испостава на СПЦ во Македонија) ќе може да влијае врз верскиот живот на православните во Македонија, ако добие правно административен статус.
И што има разлика меѓу она што сега го прави Украина, со она што Македонија го правеше пред 20 години?
Нема друга држава во Европа со ваков Закон за верски заедници. И Грција има формално три административно правно регистрирани православни цркви со исто учење. Атинската Архиепископија, Вселенската патријаршија и Црквата на Крит. Во Србија има две, СПЦ и Романската црква. Во Бугарија име две, БПЦ и Руската црква, во Романија има најмалку две, Романската и СПЦ … Но, за да биде парадоксот поголем, а веќе има некои неформални најави за можна размена на цркви овде во Македонија и во Србија меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, и за тоа да се случи ќе мора да се менува законот за верски заедници, за да може да се регистрира таква црковна органиација, МПЦ-ОА пак ќе бара од државата услуги, но овој пат спротивни на оние од пред 20 годиниа.
Да не е смешно, ќе биде трагично … Македонски свештеници и верници, кои повеќе од 55 години штитеа неканонски стаус, сега зборуваат за канони и оценуваат која црква во Украина била канонска … Правото на Украина да има своја украинска црква е наканонско така? А правото на Македонија да има своја македонска црква е канонско? Ако УПЦ-МП е канонска, како тогаш ПОА не беше канонска? Немате ли срам? Имате ли воопшто став? Достоинство?
Зошто мислите дека луѓето имаат кратка меморија? И да имаат, ние медиумите немаме … Затоа ќе потсетиме дека до пред две години, таа иста УПЦ-МП, за која сега овде солзи роните, МПЦ-ОА ја третираше како отпадничка, парацркона организација, комунистичко-државен проект, без какво било канонско право да биде црква. За разлика од УПЦ-МП, останата црковна структура во Украина на МПЦ-ОА гледаше исто како и на сопствената судбина. Како на црква чија иднина треба да биде онаква, каква што ја имаат сите помесни православни цркви во сопствените матични држави.
Ако, Вие за две години, својот деклариран црковен патриотизам го претворивте во српско-црковно подаништво дома, тоа е Ваш проблем. Но таквото измеќарство за некаков лажен Томос за автокефалност, не е и нема никогаш да биде македонски црковен и национален интерес.
