|

Активни пожари во „Јасен“ и струмичкото село Сарај, ставен под контрола пожарот кај Долно Дупени

Поради новиот топлотен бран со високи температури, повторно се активираа пожари на територијата на државата. Центарот за управување со кризи (ЦУК), јавува дека до пладне имало три пожари на отворен простор, од кои два се активни.

Активни пожари има во Националниот парк „Јасен“, каде што гори мешана шума на територијата на Општина Македонски Брод, и во струмичкото село Сарај, каде што гори отпад.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, изјави дека „екипи на НП ‘Јасен’ биле излезени на терен, но поради непристапноста на теренот, не биле во можност да дејствуваат“. Тој додаде: „Дејствуваа два полициски хеликоптера, но поради силниот ветер, ефектот беше намален“.

Ангелов информираше дека кон пожарот биле упатени „два ер трактора на ДЗС, како и превентивно три пинцгауери на ДЗС и 25-мина припадници на МВР“.

Во меѓувреме, под контрола е пожарот во ресенското село Долно Дупени, во близина на Преспанското Езеро. Ангелов посочи дека тој бил ставен под контрола „благодарение на екипите на ТППЕ Ресен и на вработените во ЈП ‘Национални шуми’“.

„Екипите патролираат, а по потреба, дејствуваат за да се спречи негово реактивирање“, нагласи Ангелов.



Слични Објави