|

Адвокатите на Даравелски бараат повторување на постапката

Поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски, засега, останува да ја издржува седумгодишната казна во затворот „Идризово“, соопштија вчера надлежните по неговото завчерашно апсење на граничниот премин „Табановце“ при обид за влез во земјава. Надлежните објаснија дека, и покрај некои калкулации изнесени во јавноста, застареноста за извршување на изречената казна затвор за Даравелски не настапила со што се согласија и дел од правниците. Но, тие наведоа друг основ по кој тој, сепак, би можел да се спаси од целосното издржување на казната – повторување на постапката зашто бил осуден во отсуство и што, впрочем, неговите адвокати во меѓувреме и го побарале.

-Иако нема застареноста за извршување на изречената казна затвор од седум години, застареноста во однос на кривичното дело, според мои пресметки, веќе настапила, така што неговите сегашни адвокати, доколку ги има, можат да го советуваат да бара повторно судење бидејќи пресудата му е изречена во отсуство и таквото барање би требало да му биде прифатено. Во тој случај, на Обвинителството не му останува ништо друго освен да се откаже од гонењето поради застареноста на делото. А штом тој самиот тргнал наваму, значи дека добро ја проценил ситуацијата – објасни неговиот некогашен адвокат Никола Поленак.

Ваквото објаснување од поранешниот бранител на Даравелски уследи откога надлежниот, Основен суд во Куманово соопшти дека не настапила застареност за извршување на изречената казна затвор за Даравелски, по што тој, засега, останува во затворот „Идризово“.

– По доставување на пресудата на Основен суд Скопје I Скопје К бр.809/05 правосилна од 26.03.2008 година, со која Драган Даравелски од Куманово, е осуден на казна затвор во траење од седум години, во Основен суд Куманово како надлежен суд за извршување на изречената казна затвор, оформен е предмет за извршување на казната. Согласно чл.109 ст.1 т.3 од КЗ застарување на извршување на казна затвор над 5 години настапува по протек на 10 години од правосилноста на пресудата со која казната е изречена. Согласно на чл.111 од КЗ застарувањето се прекинува со секое дејствие на надлежен орган што се презема заради извршување на казната, а со секој прекин застарувањето почнува повторно да тече. Основен суд Куманово од прием на правосилната пресуда преземал повеќе дејствија со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано. Согласно ст.5 од чл.111 од КЗ застареност настапува во секој случај кога ќе помине два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна. Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила – се вели во соопштението од кумановскиот суд.

Инаку судот во Куманово е надлежен за извршување на казната бидејќи таму Даравелски за последен пат имал пријавено живеалиште, додека во слуучај на повторување на постапката, таа ќе се води во Скопје, исто како и претходниот пат.
Во таа насока во текот на вчерашниот ден и почнаа да се движат работите. Од Основниот кривичен суд Скопје, бо попладневните часови информираа дека барање за повторување на постапката за Даравелски е доставено до нив.

– Заради зголемениот интерес на медиумите за лицето Драган Даравелски, правосилно осуден со пресудата на овој суд К.бр. 809/05, ја информираме јавноста дека до Основниот кривичен суд Скопје, е доставено барање за повторување на постапката на осуденото лице, од страна на неговиот бранител, со оглед да истиот бил суден во отсуство. Согласно барањето, оформен е предмет кој е распределен пред надлежен Кривичен совет за понатамошно постапување. Советот, во однос на барањето, согласно законските надлежности најпрви ќе се обрати за податоци до установата каде истиот е на издржување на казната затвор, а потоа предметот ќе го прати на мислење до Основното јавно обвинителство. По комплетирање на списите, советот закажува седница и по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени – се вели во информацијата.

Во однос шпекулациите кои се однесуваат на евентуалното застарување на извршувањето на санкцијата односно застарувањето на кривичниот прогон, од судот потврдија дека застарувањето на извршувањето го утврдува судот според местото на последно живеалиште на осуденикот, односно Основниот суд во Куманово, а во однос на застарување на кривичното гонење одлучува Основниот кривичен суд Скопје при евентуална повторена постапка.
Даравелски беше осуден во отсуство во 2007 година за „злоупотреба на службената положба и овластувања“, а пресудата стана правосилна во 2008 година, Во текот на судењето тој беше во Србија, каде во меѓувреме стекнал и српско државјанство така што неколкуте барања за негова екстрадиција не беа реализирани.
Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.

Извор: Слободен печат

Слични Објави