|

АНДРЕЈА РИСТЕСКИ-САЛПЕ ( ВОКАЛИСТ НА „КАИН“): НИЕ СМЕ ОПШТЕСТВЕНАТА КРИТИКА И ГЛАСНОТО ЗБОРУВАЊЕ ЗА ОПШТЕСТВЕНОТО НЕЗАДОВОЛСТВО

Трибуна: Салпе, на 19-ти оваа сабота во МКЦ ќе го промовирате вашиот деби албум „Под ова сонце ладно е“. Што ќе слушнат фановите на вашиот стил, кои ќе ве почестат со своето присуство.

Андреја Салпе: Да, конечно после подолг период Каин ја стави музиката на носач и по неколку неофицијални промоции во Скопје, албумот конечно ќе биде достапен за луѓето кои трагаат по нова музика и ја поддржуваат македонската независна сцена. Секако ќе ги слушнат деветте композиции кои се на албумот, а каков влез, односно интро во концертниот настап ќе биде познат мотивирачки говор на Ал Пачино, пропратен со наша музика. Говорот всушност ја доопишува и ја усовршува пораката на Каин. Понатаму, ќе можат да го слушнат карактеристичниот звук на Каин, проследен со енергичен настап. На крај концертот ќе го завршиме со специфичен рецитал на Сирма војвода од Блаже Конески, пропратен со музика, во интерпретација на наш драг пријател Давор Јанкулоски.

Трибуна: Зошто „Каин“? Што е посебното кај вас како бенд? Дали може да се каже дека „Каин“ е бунтот против лицемерната „добрина“ во нашето секојдневие?

Андреја Салпе: Кумот на бендот е всушност човекот кој предмалку го спомнав Давор Јанкулоски. Без многу филозофирање, името на бендот случајно ни залепи на идејата и пораката на албумот. Го имавме спремено речиси цел албум, го знаевме името на албумот, но името на бендот не J. Секако дека баравме име кое ќе биде во контекст на она што го работиме и пропагираме. Она што музички не’ опишува се различните жанрови во песните, мешањето на македонско – англиски текстови, јасната и искрена лирика, балканските мелодии… А она што идејно не’ опишува е општествената критика и гласното зборување за општественото незадоволство, кое всушност во секој човек во ова општество тлее, но немањето на свест за постоењето и погрешното вреднување на себе си не’ доведе до демократски мрак низ годиниве. Моментално се чувствува некоја послободна и пооптимистичка енергија на која треба да се надоврземе. „Под ова сонце ладно е“ е синоним на она што ни’ се случува на локално ниво, а Каин е синоним на она што ни се случува на глобално ниво.

Трибуна: Ти студираш новинарство, имаш авторска емисија на радио 103, раскажи ми нешто повеќе за себе и за твоите колеги во бендот?

Андреја Салпе:  Хаха 🙂 . Четворицата во бендот сме на различни страни, со различни опкружувања, но Каин не’ соединува во една точка. Надвор од музиката четворицата се бориме за својата егзистенција, а ова што го работиме е чиста љубов. Јас искрено изборот на факултетот го направив поради динамиката во професијата новинарство, но сепак би рекол дека пред се’ јас сум музичар. Пред извесно време почнав да уредувам своја емисија на 103-ка, која се вика „БарумБарум“. Таму промовирам генерално нова и авангардна музика. Инаку гледам што е можно повеќе денот да ми е исполнет со музика и кул луѓе, па така да го разубавиме градот и животот 🙂 .

Трибуна: Ако само небото е лимит, што има после небото за „Каин“? 

Андреја Салпе: Живот, во некоја друга форма 🙂 .

www.tribuna.mk

Фото: Славе Викторијоски

 



Слични Објави