АВТОРЕФЛЕКСИЈА: ПОИНАКВА ЕТНОГРАФИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА

//

Од дамнешни времиња се слуша за неа. За неа говорат многу преданија и легенди, песни, за неа говорат шумите, реките, планините. Од далеку се слуша глас. Глас на слободата, глас на борбата, глас на животот. Тоа е Македонија. Македонија се одликува со богата и вековна историја. Но, во овој текст нема да говорам за нејзината историја и за познатите ликови кои се поврзуваат со неа туку за нејзината душа преку призмата на моите очи.

Македонија е земјата во која сум родена, која ја љубам со сета душа и срце и за мене не постои поубава земја на светов. Некогаш замислувам, како ја прегрнувам и ѝ давам љубов. Легната на некоја ливада, го чувствувам мирисот на тревата, билките и цветовите. Душата полека ми заздравува, попримајќи ја исцелителната моќ на природата. Дишам полесно, градите ми се полнат со свежина, со живот. Ми навираат солзи, а тоа е добро, бидејќи ја измиваат душата. Ох, колку ја сакам оваа наша земја!

 Нејзината душа е автентична, магична и претставува вистински мозаик од природа, народи, религија, народни обичаи, музика, танци, уметност, просвета, фолклор итн., како дел од богато развиеното културно нематеријално и материјално богатство. Нешто што вреди да се штити, да се чува, одржува и на вистински начин да се сака. Во неа се исткаени планини, чист воздух-полни гради свежина, реки, извори, природни езера, развиен биодиверзитет, извезани ливади со разнобојни мириси и цветови. Плодна земја, развиено земјоделство, сточарство, полјоделство, хортикултура. Сѐ е таму каде што треба да биде.

Во Македонија има интересни села и градови, кои се приказна за себе и преку нив дознаваме за автентичноста на нашата земја во минатото и сега. Секое село и град, нанижано како бисер ја разубавува секоја нејзина страна. Нивната местоположба, богатата архитектура, историја, природа, секое сокаче, калдрма создава поезија.

 Едноставно е прекрасна и ме боли кога ја гледам распната, тажи и копнее за љубов. Со години, па и поминати векови, се тепаат за неа. Ја воспеваат во песни, ја цитираат преку далеку познатата песна од Војо Стојановски, чија строфа следи во прилог:

“Една мисла имаме, еден живот живееме,

Македонија цела да е ,

секој да ја знае”

Но, дали е навистина така? Дали навистина се мисли на тоа што се цитира? Дали навистина се сака оваа земја или е лажен патриотизам, борба за тронот?



Иако сум млада, можам да забележам кога нешто чини и кога не чини. И во овој случај, станува збор за лажен патриотизам. Ја носиме во срцето, а живееме во дијаспората. Како и правиме добро на својата земја, отселувајќи се од истата? Но, битно ја носиме во душата, заработувајќи енормни плати во местата каде што сме и оттаму се бориме за неа. Нели е патетично?

 Затоа што, во спротивно оваа земја ќе блескаше. Мало парче земја од два милиони народ, да не може да се издигне и да се направи земја која ќе функционира и ќе го задоволи животот на нејзиниот народ, навистина е тажна глетка и боли, ужасно боли. Кога го гледам народот, избезумен, распнат на милиони парчиња бара лек да се спаси од оваа агонија. Да побегне од оваа безизлезна ситуација, болна реалност со која се соочува. Еден лош сон, од кој сите мечтаеме да се разбудиме.

Да се родиш во земја која има се, од природни богатства до недопрена природа, и да посакуваш да се отселиш заради лажните патриоти,  навистина е тажно. Тажно е гледајќи како од еден прекрасен, продуховен, просветен народ да се протвора во неписмена армија.

Ох, колку ме боли што за ова парче земја не се избори нeкој вистински. Не ѝ возврати ниту еден со добро, покрај сите благодети кои ѝм ги беше распослано.

Од планините, изградија каменоломи, секојдневно ѝ ја корнат срцевината, ја уништуваат природата. Го загадуваат воздухот. Не можам, да сфатам како свои луѓе одат против својата земја и против својот народ. Која е цената на сето тоа лудило? Моќ, пари, благосостојба и до кога, додека не се распне земјава на парчиња?

Ова е најтешкиот напис што сум го напишала некогаш, зборовите ми излегуваат од душата и срцето, за мојата Македонија.

Автор: Кристина Паскоска



Претходна статија

ДАДО АКО МОЖЕШ КУПИ МИ ЕДЕН ЛЕБ, НЕ САКАМ ПАРИ

Следна статија

ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА СЈО И ВО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Најново од Ваш став

Игра на ниски страсти

Fb статус на Никица Корубин Дека политиката е врвна вештина која бара многу знаење, искуство, традиција

Целосна независност

Facebook статус на Никица Корубин Независноста е комплетна кога си свесен за неа. И за нејзиното