АВТОРЕФЛЕКСИЈА:ПОИНАКВА ЕТНОГРАФИЈА ЗА С.РОСТУШЕ,С.ЈАНЧЕ,БИГОРСКИ МАНАСТИР И ДУФСКИТЕ ВОДОПАДИ
Сабота напладне, тргнав на пат.Времето беше сончево, и некое облаче на небото.Северно ветре пиркаше низ воздухот, времето- идеално за шетање.Патот ме упати кон Дебарско-Реканската етнографска целина која се протега во западниот крај на нашата земја оплеменет со најубавите пејзажи на природата, селца со интересни имиња, манастири и цркви.Додека патував, преку прозорецот ме грееше исконската убавина на пределот.Раззеленета вегетација, расцветани дрвја покрај реката Радика, издигнати карпести површини “исшарани” со мов и добив чувство дека не е зима туку дека пролетта е на прагот.Околу исткаени планински масиви, на чии врвови ѕирка првото снегче. Си реков во себе: – Ах, колку е прекрасна оваа наша земја!

Застанав да земам здив во еден од најубавите, за мене, свети храмови и чистилишта а тоа е Манастирот Св.Јован Бигорски,кој се наоѓа непосредно помеѓу градовите Гостивар и Дебар.При самото приближување кон портите на Манастирот, доживеав неверојатна енергија и леснотија, спокој и мир. Секој “од” во дворот на Манастирот, ми стануваше полесен од претходниот. Едноставно, почнав полесно да дишам. Се потпрев на оградата од камен, погледнав кон далечините и издишав голема болка која долго време ми тежеше во градите.Почнаа да ми навираат солзи, се потсетив на пријателството, на љубовта, на луѓето кои веќе не со мене, на нашите претци и нивната оставштина и на сето тоа што и се случува на нашата земја. Ох, колку проклето боли!
Солзите се случија со причина, тие ја чистат душата и немирот во вас.Одеднаш се почувствував полесно и поспокојно. Неопишлива е таа поврзаност, таа појава и верба која ја чувствувам при посетата на овој Манастир. Вистинската верба во Бог е таа што не извишува и ни дава сила за деновите кои наддоаѓаат. Ни дава дознаење дека постојат само лоши денови, но не и дека животот е лош.Но, тоа е гледиште од моја перспектива. Моја замисла, идеја,чувство дека не е ништо случајно во животот на овој свет.

Откако се собрав себе си, заминав од таму и се упатив кон с.Ростуше, во посета на долго зборуваните Дуфски водопади, за кои велев дека сакам да ги доживеам но никако не можев да си ја реализирам оваа цел.Но, ете дојде денот. Денот за авантура и патешествије.Кон Дуфските Водопади, ме водеа обележани патокази и патека од испреплетени дрвја кои создаваа тунел кој наликуваше на тунелот од бајките кој го гледаме во филмовите.На почетокот, патот беше лесен но како навлегував во шумата, стануваше се потежок и непредвидлив.Патеките беа тесни и стрмни, на некои делови имаше и извори, па се префрлав од една кон друга страна.Како навлегував во испреплетената џунгла, газев врз влажни листови и знаев да се зализгам но ми беше навистина интересно.Некаде патеките беа надополнувани од дрвени мовчиња, изградени од штици, кои беа влажни и на некои делови имаше дупки и се затресуваше мостот чекорејќи по него. Чекорењето беше запрепастувачко и на секунда си замислив, а што ако паднам?Но, за среќа тоа чувство на страв траеше кратко.
На моменти, сакав да се откажам и да се вратам. Ми стана жешко, бидејќи бев наоблечена.Дишев се потешко и потешко, топлина и пот ме облеваа.Патот стануваше се пострмен и угорен, тежок.Се испотив сто пати.Се запрашав неколку пати:- Па кога ќе стигнам до “проклетиов” водопад?
Тоа беа кратки размислувања во мојата глава.Претежно ми се случуваат од страв од нешто непознато, неискусено претходно.Застанав во еден миг, си ги собраав мислите во главата и продолжив кон целта.Како се движев по патеката, наоколу се слушаа звуци на птици и силно клокотење на вода.Сето тоа ми даваше некаков знак дека се приближувам кон Водопадите и навистина беше така.Пристигнав и пред мене излезе тој прекрасен и вчудоневиден водопад на 1100нмв.Сите мисли и критики, се што си кажав- се избриша.Занемев од восхит и убавина.Не проговорив пет минути ништо.
Недопрена природа, секое камче, секое цветче е онаму каде што треба да биде.Воздухот чист, ми се наполнија градите со свежина.Се осетив жива.
Вредеше таа “мака”, за да се открие и доживее оваа неповторлива, зачудувачка и фасцинантна креација на природата.
На ова патување не бев сама, имав и придружба.Ниту пак имав намера да истражувам но во мене проработи тоа “етнолошкото” па и “анрополошкото”, каде што на враќање од водопадите, по патот ме пресретнаа двајца селани од с.Ростуше и неминовно беше да ги потпрашам нешто.А и тие изгледаа како да сакаат да бидат “прашани”.Тие беа на седумдесет и кусур години, зборуваа одлично на македонски јазик. Еден од нив кажа дека срцето на вистинскиот Македонски јазик потекнува токму од с.Ростуше. Ова село се наоѓа во подножјето на Дешат планина, на 720 надморска височина.Во минатото броело околу 870 жители,но денеска седумдесет проценти од населението, претежно се иселеници во Италија и Швајцарија.Во целата Општина Маврово-Ростуше, живеат околу 4.000 жители.Карактеристично за ова село е што во него живеат и муслимани и христијани.Според нивниот исказ, тие велат дека посложен и побратски живот од нивниот нема никаде, па и така треба да биде, зарем не?
Кратко проговоривме, се поздравив со нив и заминавме кон с.Јанче. Крајот го краси делото во случајов патувањето.Село Јанче, припаѓа во низата на села од Дебарско-Реканската Етнографска целина. Претставува една од најстарите населби во мијачкиот регион. Населението го сочинуваат Македонски Муслимани кои меѓу народот се познати под терминот “Торбеши” каде што некаде претставува етноним, а некаде егзоним.Покрај нив, живеат и “ортодокси” односно христијани.Според статистиките низ времето, својот најголем раст на население, селото го достигнало во далечната 1953 та година и оттаму па наваму значително се намалил, каде што денеска живеат шеесетина луѓе.Останатиот дел од населението се иселеници во Германија, Италија и Швајцарија.

Тоа што го одржува селото во живот, е легендарниот Хотел и Ресторан Туто, кој веќе дванаесетта година по ред работи со полна пареа.Ресторанот е нешто невидено, преинтересно.Секое катче си има своја душа и приказна.Прекрасен интериер, измешани стилови кои ви даваат чувство дека сте во музеј а не во ресторан.На ѕидовите закачени уметнички слики. Услугата беспрекорна, брза и пријатна.Храната превкусна која се служи со домашно лепче и свои сортни вина и најубавата домашна ракија.Концептот за интериерот на Ресторанот не ве остава рамнодушни.Првиот впечаток на ентериерот е тоа што најмногу ме шармираше.Камена градба, со дрвена кафена основа која ви дава топлина, а од прозорците свети пригушено светло – вистинска новогодишна честитка.Ресторанот има издадени тераси во вид на чардаци, а оттаму погледот е бесценет. Навистина многу добро обсмислено.
Сопственикот на ресторанот,потекнува од село Јанче. Неговата идеја за изградба на овој угостителски објект, се состои токму во заживувањето на селото.Потекнува од печалбарско семејство, но и тој самиот патувал насекаде како реставратор низ светот и носел по некој елемент од културата на земјите кои ги посетувал.Затоа таму можете да најдете секакви стилови, од етно, ориентален па се до модернистички дизајн.Ќе си речете: It’s too much, but it’s not.

За сопственикот се вели, дека бил првиот човек кој вовел Slow food во Угостителската индустрија кај нас.Во Ресторанот, има цел еден дел посветен за Еко храна, од разновидни тревки, чаеви, компоти,слатка па се до ароматични и етерични масла за тело, храна па и здравје.

Магичен амбиент, пригушено светло покрај камин со црвено вино во раката- зимска идила.
-Ах, животот е убав!
La Vita e bella!
Автор: Кристина Паско, етнолог





























