|

„Бионтек“ ќе се појави на суд – жена ги тужи дека има последици од вакцината против ковид

Фармацевтската компанија „Бионтек“ утре ќе се појави пред окружниот суд во Хамбург по тужбата во која се бара компензација за тешки последици од нивната вакцина против Ковид-19.

Тоа е прва во серијата можни тужби против компанијата во Германија поради несаканите ефекти од вакцината.

Жената го тужи германскиот производител за најмалку 150.000 евра за нанесување физички повреди.

Тужителот тврди дека поради вакцината имала болки во горниот дел од телото, отечени нозе и раце и пореметување на сонот.

Нејзиниот адвокат, Тобијас Улбрих, рече дека има намера да ја оспори оценката на германскиот регулатор и Европската агенција за лекови (ЕМА) дека вакцината на „Бионтек“ и „Фајзер“ има позитивен сооднос на корист и штета.

Според германскиот закон, производителите на вакцини и лекови се предмет на тужби и барања за отштета доколку „медицинската наука“ покаже дека нивните производи прават несразмерна штета или ако упатствата на лекот се погрешни.

„Бионтек“, која ја разви вакцината Comirnaty во соработка со американскиот „Фајзер“, смета дека тужбата е неоснована. Оваа вакцина, посочува компанијата, е спроведена на 1,5 милијарди луѓе ширум светот, вклучително и повеќе од 64 милиони Германци.

ЕМА: Вакцината спаси речиси 20 милиони животи за една година

ЕМА тврди дека вакцината е безбедна и дека во првата година од пандемијата помогнала да се спасат речиси 20 милиони животи ширум светот. ЕМА, сепак, признава дека по вакцинацијата со Comirnaty постои мал ризик од развој на миокардитис и перикардитис, два вида на воспаление на срцето, и тие најмногу ги погодуваат младите мажи.

Агенцијата досега има добиено околу 1,7 милиони поплаки за несакани ефекти кои се појавиле по примањето на вакцината против Ковид-19. Станува збор за 0,2 случаи на 100 применети дози.

Најчести инесакани ефекти од вакцината се главоболка, треска, замор и болки во мускулите.

Пред два месеца беше објавено дека во Германија се поднесени 185 граѓански тужби против производителите на вакцини против коронавирус. Поднесени се тужби против четирите големи производители на вакцини против коронавирус: Баонтек, Модерна, Астра зенека и Џонсон и Џонсон.

Слични Објави