Борел: ЕУ ќе ја зголеми поддршката за Украина, но не може да ги замени САД
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, по пристигнувањето на самитот на Европската политичка заедница во Гранада, изјави дека на Украина ѝ е потребна поддршка од ЕУ и ќе ја зголеми.
Сепак, тој нагласи дека ЕУ не може да ги замени САД.
Тој рече дека не е добра вест што конфликтите во Вашингтон фрлаат сомнеж за продолжувањето на поддршката за Украина и се надева дека тоа сè уште не е конечниот став на САД. Изрази жалење што претседателите на Азербејџан, Илхам Алиев, и на Турција, Реџеп Таип Ердоган, не присуствуваат на самитот во Гранада.
„Срамота е што не се тука“, рече Борел и оцени дека тоа ќе го спречи разрешувањето на кризата, која доведе до тоа повеќе од 100.000 луѓе да ги напуштат своите домови по употребата на воена сила алудирајќи на заминувањето на ерменското население од Нагорно-Карабах.
Борел рече дека ЕУ „ја осудува употребата на сила за решавање на конфликтот“ и изрази уверување дека претставниците на Баку и Ереван ќе разговараат во Брисел за да се спречи ескалација на конфликтот.