|

Бруно Делбонел е добитник на Златната камера 300 за животен опус на 45. издание на „Браќа Манаки“

Оваа година од 21-27 септември во Битола ќе се одржи јубилејното 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, соопшти на денешната прес конференција, директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски.

Годишниот лауреат на наградата за животен опус Златна камера 300 е Бруно Делбонел –  истакнатиот француски и светски кинематографер.

Бруно Делбонел е најновиот член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Изодувајќи го патот од лауреат на „Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“ што фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „Златна камера 300 за животен опус“.

Роден е во 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на Сорбона, а дипломирал во 1978 година на ESEC (Ecole Superieure d’Etudes Cinematographique), популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз.

По дипломирањето, Делбонел пројавил афинитет и кон режија, па во 1989 година го режира долгометражниот документарен филм инспириран од светот на
циркусот – „Големиот циркус“ / THE GRAND CIRCUS, но потоа ja продолжува својата кариера како кинематографер, создавајќи завиден опус во соработка со многумина значајни француски и светски режисери.

На почетокот на кариерата, како самостоен кинематографер ќе сними два кратки филма за сценаристичко – режисерскиот тандем Марк Каро – Жан Пјер Жене / Marc Caro-Jean Pierre Jeunet, и ова искуство ќе се покаже како решавачко, особено во подоцнежната соработка со Жене, кому во 1984 година му го снима краткиот игран филм „Нема одмор за Били Брако” / „Pas de repos pour Billy Brakko”). Во 1993 ќе дебитира со целовечерен игран филм, а со Жене станува повторно партнер во нивните две антологиски дела, за кои Делбонел ги доби првите две од вкупно шест номинации за Оскар: „Амели“ / AMELIE (2002) и „Многу долга венчавка“ / A VERY LONG ENGAGEMENT (2005).

Во 2001 година, пред да дојде до номинацијата за Оскар, на фестивалот во Карлови Вари филмот „Необичната судбина на Амели Пулен / LE FABULEUX DESTIN d’AMELIE POULAIN, го освои Кристалниот Глобус. Тоа во аналите на овој фестивал останува како најголемо откритие на дело од француската кинематографија, а организторите на Кан ги остава разочарани поради сторениот превид, бидејќи пропуштиле тие да го лансираат овој антологиски авторски филм кој важи и за еден од најкомерцијалните.

Делбонел со „Амели“ на 44 години достигнува светска слава и во овој филм креира визуелно маестрално ремек-дело, рефлектирајќи го бајковитиот, обично – необичен свет на Амели
.
Изборот на Тату во ликот на Амели е полн погодок. Актерката со сиот свој талент се вградува во необичниот карактер на нежната девојка, а Делбонел ја трансформира со визуелна разиграност и оригиналност својствена за неговиот изразен стил. Тој како да се претвора во очите и душата на Амели, не воведува
во нејзините доживувања со несекојдневна визуелна енергија, градејќи ги „чудата” на оваа девојка со своевиден поетско – магиски хиперреализам. Речиси секој кадар е доживување за себе во необичното секојдневие од животот на Амели, а воедно и посвета за Париз низ инспиративна колоратура, градејќи разгледници изникнати од неговото поднебје, сликани динамично и разиграно.

Покрај номинацијата за Оскар во 2002 година за филмот „Амели“, Делбонел ги доби и номинациите за БАФТА / BAFTA, ASC (Американското друштво на кинематографери), како и за наградата Цезар / Cesar, а ја освои наградата на ЕФА / Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер.

По овој голем успех, тандемот Делбонел – Жене ја повтори плодната соработка и во следниот извонреден филм. Станува збор за историската љубовна драма од Првата светска војна – „Многу долга свршувачка“, за која во 2005 година Делбонел ја освои втората номинација за Оскар. Делбонел и во овој филм е во својот врвен креативен елемент. Покрај номинацијата за Оскар и за наградата на ЕФА, со него тој ги освои наградите на ASC и францускиот Цезар.

Третата номинација за Оскар за Делбонел дојде во 2010 година за еден од визуелно најефектните филмови од серијалот за Хари Потер, неговото шесто продолжение, „Хари Потер и полукрвниот принц“ / HARRY POTTER AND THE HALF-BLOOD во режија на Дејвид Јеијтс / David Yates.

Оваа креација Делбонел ја издигнува на ниво на визуелно ремек – дело во изразот. Тој како диригент на оваа фантастична симфонија, супериорно ја
контролира работата на камерите и колор – атмосферата, со над 1000 стручни соработници во неизбежниот технолошки домен на специјалните визуелни ефекти и дигиталната анимација.

Во 2011, Манаки го награди Бруно Делбонел со „Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“.

Следните три ремек дела во опусот на Делбонел, закитени со номинација за Оскар се: „Внатре во Левин Дејвис“ / INSIDE LLEWYN DAVIS (2014); „Најмрачен час“ / DARKEST HOUR (2018) и „Трагедијата на Магбет“ / THE TRAGEDY OF MACBETH (2022).

По соработката на нивниот краток игран филм „Тилери“ / TUILERIES vo 2006 (сторија од серијалот „Париз те сакам“/ PARIS, JE T’AIME) Делбонел ќе го сними и целовечерниот игран филм на браќата Коен / Coen brothers „Внатре во Левин Дејвис“. Во него, Делбонел ја слика мрачната егзистенцијална драма на младиот кантавтор на фолк музика Левин Дејвис, чија насловна улога ја толкува автентичниот музичар Оскар Исак / Oscar Isaac.

Петтата номинација за Оскар Делбонел ја доби во 2018 година за креацијата во историската драма „Најмрачен час“ во режија на Џое Рајт / Joe Wright. Актерот Гери Олдмен за улогата на Винстон Черчил во овој филм беше награден со Оскар.

Потоа, во 2021 година Делбонел повторно соработува само со едниот од браќата Коен (Јоел / Џоел), на филмот „Трагедијата на Магбет“ за кој следната година ќе ја освои последната од шесте номинации за Оскар. Во насловната улога на оваа најнова екранизација на антологиската трагедија на Шекспир настапува актерот Дензел Вашингтон, а како леди Магбет актерката Френсис МекДорманд.

Во сите три понови филмови номинирани за Оскар, Делбонел ја применува доку – играната визуелна структура својствена за неговите претходни дела, но со историски карактеристики на различни поднебја и периоди.

Делбонел ќе го збогати својот опус и низ соработката со плејада други истакнати светски режисери, како Питер Богданович во „Мјаукот на мачката“ / THE CAT’S MEOW (2000), полуавтентична крими драма за убиството на една актерка во Холивуд во 1924 година, што се случило на јахтата на милионерот Харст. Со рускиот режисер Сокуров ќе го сними „Фауст“ (2011), базиран на Гетеовиот мит за Фауст, кој освојува „Златен лав“ во Венеција, и „Франкофонија“ / FRANCOFONIA (2014), посветен на Парискиот храм на сликарската уметност – музејот Лувр, кој со својата трајна вредност и пркосел на фашистичката окупација. Со Тим Бартон ќе соработува во три наврати, речиси едно по друго. Во 2012 година тој го снима неговиот готски хорор „Мрачни сенки“ / DARK SHADOWS, во 2013 година соработуваат на сродниот, „Големи очи“/ BIG EYES и во 2016 година го реализираат „Домот на гопоѓица Перегрин за чудни деца“ / MISS PEREGRINE’S HOME FOR PECULIAR CHILDREN.

Со браќата Коен одново ќе соработува во 2018 година, во пародиската вестерн комедија во нивен дух – „Баладата за Бастер Скрагс“ / THE BALLAD OF BUSTER SCRUGGS, а најновата соработка од тековнава 2024 година му е со Вес Ендерсон / Wes Anderson, на неговиот најнов филм „Феникиска шема“ / THE PHOENICIAN SCHEME (2024, во пост-продукција), со кастинг од соништата: Бенедикт Камбербач / Benedict Cumberbatch, Том Хенкс / Tom Hanks, Скарлет Јохансон / Scarlett Johansson, Бил Мареј / Bill Murray, Бенисио Дел Торо / Benicio Del Toro и Шарлот Генсбур / Charlotte Gainsbourg.

Во 2019 Бруно Делбонел бил назначен за шеф на кинематограферскиот отсек на Прочуената париска филмска школа, La Femis, за да ги пренесе своите професионални кинематограферски искуства и знаења на новите генерации студенти и идни кинематографери.

Оваа година се очекува на Фестивалот да присуствуваат досегашни добитници на наградата Златна камера 300 за животно дело во чест на јубилејното 45. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

Слични Објави