ЦУТОВИ БЕА ГИ ОТКИНАА, ВО НОЌТА ЦРНА ГИ ПОГУБИЈА

На денот на трудот 1946 година, Струмица се буди распослана со летоци на кои пишувало:
“Долу експонатите на србизмот Димитар Влахов, Лазар Колишевски, Михајло Апостолски и нивните другари!”, „Да живее духот на Гоце Делчев и Даме Груев !”.

Овие две реченици силно ќе оддекнат низ градот и ќе придонесат до апсење на 25 млади луѓе, а меѓу нив и младинците Ѓорѓи Јармов, Мирко Пецев и Борис Белев.

Во обвинителниот акт на Методија Калкашев, “лидерот” на уапсента група се вели: “под водство на обвинетиот Калкашев, обвинетите се организираат во Организација која има за цел одвојување на НР Македонија, во некаква си “Aвтономна Македонија!””

По одлежаната затворска казна, тројцата младинци под тежок притисок ја завршуваат Струмичката гимназија и се запишуваат на различни факултети.

Летото 1951 год. заедно со уште двајца нивни другари Ѓорѓи Костуранов и Стефан Топчев, студентите се враќаат во родниот град да го поминат летниот распуст.

На 13-ти Август истото лето, вечерта на запрежна кола, пет крвави тела со маски биле донесени до село Костурино, а од таму со камион до градот Струмица.

Власта излегува со соопштение дека петте деца се убиени, во обид илегално да ја преминат границата.

Соопштението се читало во сите училишта и колективи со цел ликвидацијата на младите момчиња да стане добро запаметена поука.

Но, вистината за нивното убиство била далеку поразлична од соопштението.

Вечерта на 11-ти Август, петте студенти биле собрани од игранка во бавчата на Домот на ЈНА во Струмица.
Два дена биле страшно измачувани и со врзани раце однесени во областа Чучук Белеш. Стрелани се на 13-ти Август, секој поединечно од револвер, со по еден куршум во градите и еден во главата, во близина на селото Дарламбос, далеку од југословенската граница.

Наредбата ја потпишал извршниот секретар на Градскиот Комитет на КПМ Ристо Пиличев, кој што подоцна изјавил дека тоа го направил “под присила” на неговиот претпоставен Мара Минанова, тогашен главен секретар на истото тело.

Струмичките моќници не и дозволиле на семејствата последната ноќ да ја поминат со своите чеда, туку директно ги однеле на гробиштата и погребале.

Иако власта настојувала студентите да бидат погребани во тишина, вечерта околу илјада души ги посетиле градските гробишта, за да им ја оддадат последната почит.

Стравот од заживувањето на нивната идеја бил толку голем, што десетина години после погребот семејствата на студентите се принудени сами да го урнат нивниот надгробен споменик.

Но, времето покажа дека живата вода не може да се сопре. Идејата на ВМРО никогаш и не згасна, успеа да создаде независна Македонија.

Децении после нивната смрт, идејата на Студентите успеа да победи.

Сонот нивен, сонот наш, Македонија стана јаве.

…”Пророни солзи каменот,
крикна птица во гората.

Паднаа млади јунаци,
Боже, да не се повтори!

Ги видов, мајко, ги препознав,
младите деца, струмички.

Иднина наша, тие сонија
до гроба верни на Македонија!”

Автор: Александар Кавазов