|

„ДЕНЕСКА Е ДЕН ЗА ПАМЕТЕЊЕ, КОШАРКАТА КОНЕЧНО ДОБИ СВОЈ ДОМ!“

Досегашниот синоним за ракомет во државата, големата сала во СРЦ „Кале“, од денеска и официјално е под раководство на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), чии челници не можеа да го скријат задоволството од ваквиот договор.

Спортскиот објект и понатаму останува во владение на државата, но е дадено на трајно користење на Куќата на кошарката, со цел таму да се развиваат талентите од сите клубови и градови.

„Во програмата пред да бидеме избрани на функциите потенциравме дека акцент ќе биде ставен врз обезбедување на услови за младите кошаркари. Денеска е ден за паметење, добивме свој дом. Презадоволен сум што како куќа на кошарката добиваме сала што ќе ни биде на располагање 24 часа на ден, 365 дена во годината“, изјави претседателот на КФСМ, Перо Антиќ на денешната прес-конференција.

Насмевка и тоа голема имаше на лицето на спортскиот директор Тодор Гечевски, кој најави сериозна работа со младите во иднина и максимално користење на добиената сала.

„Оваа сала ќе биде исполнета со разни активности, сите поврзани со развојот на кошарката, поточно на младинските категории. Во текот на летото ќе имаме бројни акции со младите репрезентации, а потоа во текот на годината ќе преминеме и на работа на индивидуален план со младите кошаркари“, изјави Тодор Гечевски.

Извор: Спорт1

Слични Објави