|

Дисциплинската комисија бара разрешување на Вилма Русковска од обвинителската функција

Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по спроведената дисциплинска постапка против трите јавни обвинителки, за обвинителката Вилма Русковска бара разрешување од обвинителската функција.

„За поранешната основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители“, велат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Тие донеле одлуки и за другите обвинителки: Ивана Трајчева, која ја заменувала Русковска, е казнета со намалување на платата, а Елизабета Јосифовска е ослободена иако таа го потпишала документот за претрес.

„За една јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за утврдена тешка дисциплинска повреда, изречена е дисциплинска мерка – намалување на месечната плата во висина од 30 % од исплатената нето-плата во траење од 6 месеци. За друга јавна обвинителка, пак, комисијата одлучи да ја ослободи од одговорност бидејќи не се докажа дека сторила тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство“, соопшти ЈОРМ.

Судирот меѓу Вилма Русковска и ексдиректорот на Финансиската полиција, Арафат Муамери, резултира со дисциплинска постапка за обвинителките. Тој обвинуваше дека претресот во неговите канцеларии не бил во согласност со законот. Дисциплинска беше отворена по предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој сметаше дека има низа пропусти во случајот откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата и обвини дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која раководи. Русковска беше и суспендирана од работа, а за тоа рече дека оваа атака ја доживува како удар и врз правото и правдата.



Слични Објави