ДОДЕКА ГАЗАТ ВРЗ СКАПИ КИЛИМИ СПОДЕЛУВААТ ВИДЕА ОД КАЛНОТО ВОЛКОВО

На социјалната мрежа Facebook вчера и денеска, покрај сведочењето на Орце Камчев за случајот „Рекет“ и тврдењето на Боки 13 дека во Систина се прават неквалитетни операции за стеснување желудник, е актуелно и едно видео на коешто се гледа како една женичка од Волково ги „ребрачи“ Заев и кметот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски дека за 3 години не направиле ништо за нејзиното населено место. Ни асфалт, ни канализација. Така е! Колегата Фуркан Салиу објави видео со жената од Волково, на коешто јасно се гледа дека таа е во право. Нема ни асфалт ни канализација. Кметот и премиерот излажаа!!! Тоа е факт.

Мене нешто друго ме буни. Видеото од Волково што вчера го видов кај Антонио Милошоски, а денеска и на официјалната facebook страна на Мицко војвода, е последното нешто што тие двајцата како едни интелигентни и докажани „вмровци“ треба да го споделуваат. Да не забораваме дека ако Наумовски за 3 години не направил ништо околу тоа жителите на Волково да не газат во кал, исто толку големо НИШТО не направил и поранешниот кмет од редовите на ДПМНЕ, генералот во пензија Сокол Митровски. Потсетувам дека Митровски беше градоначалник на Ѓорче Петров 12 години. Истото важи се разбира и за градоначалникот пред него… и така до дедо Ное.

Вакви бурлески му личи да објавува на својот профил Диме „Левото крило на Организацијата“ Апасиев. Неговата партија нема седиште од неколку милиони евра, истата, не била ниту еден ден на власт (се надевам дека никогаш нема и да биде) и баш поради таа причина елоквентниот професор кој не ебе жива сила може да си дозволи поентирање врз калта по кондурите на жителите на Волково. Да, неговата партија ќари едни 300 илјади евра државни пари, но тоа е ситница во споредба со имотот на ВМРО-ДПМНЕ, за којшто самиот генсек на партијата Јанушев кажа пред една година дека изнесува околу 10 милиони евра.

Чудна работа, ем тонат во луксуз во Белата шампита другарчињата на Мицко војвода, ем ветуваат дека ќе се погрижат обновата на Македонија да стигне до секој еден човек, па дури и до баба Перса од Волково. Јас им препорачувам Обновата на Македонија да ја започнат уште од сега. Чуму им толкаво седиште? Нека не се тегнат, нека помине случајот „Талир“ и ако испадне дека тие не го изградиле на незаконски начин, да го продадат и со парите што ќе им останат после враќањето на долгот кон една од фирмите на Камчев и закупот на ново поскромно седиште, да помогнат околу проблемот со калта и канализацијата во Волково.

Лесно е да споделуваш видеа за тоа како некој гази во кал додека газиш врз дебели и скапи килими, господа „обновувачи“ на Македонија.

Автор: Атанас Величков