ДУИ ЈА ПОЧНА ПЕСНАТА „НЕ ГО СИТНЕТЕ ОТПОРОТ“, ПО НАЈАВАТА ЗА ФОРМИРАЊЕ НА „САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ“ ВО МАКЕДОНИЈА

Неколку поддржувачи на Алијансата за Албанците ќе ја реализираат идејата на лидерот на донеодамна владејачката партија во Косово, Движењето Самоопределување, Албин Курти за проширување на тој политички субјект и во Македонија, тврди приштинскиот портал „Газета експрес“, пренесува МИА.

Според порталот, лицето кое ќе ги започне активностите за формирање на Самоопределување во земјава е професорот и политички аналитичар Арсим Синани, а меѓу иницијаторите се споменува и Беким Ќоку, некогашен пратеник на Демократската партија на Албанците (ДПА), а сега член на партијата на Зијадин Села.

Во првичните реакции на таа најава, Демократската унија за интеграција порача дека „политичката сцена во земјава е отворена, но гласот на Албанците и онака е доста расцепкан и нивното доаѓање ќе го расцепка уште повеќе“.

Од Движењето Беса изјавија дека немаат информации за таква иницијатива, но оти е „сечие легитимно и демократско право да се натпреварува на избори“.

Партијата на Села, која самиот Курти лично ја поддржа на последните парламентарни избори во земјава, повикувајќи ги Албанците да гласаат за неа, тогаш ширењето на Самоопределување го оцени како „добра вест“и му посака добредојде во земјава, пренесува Фокус.