| |

ЏАФЕРИ: СВЕТОТ ОСТАНУВА НА МЛАДИТЕ, НО ОДГОВОРНОСТА КАКОВ СВЕТ ЌЕ ИМ ОСТАВИМЕ Е НА ПОСТАРАТА ГЕНЕРАЦИЈА

Политичкиот дијалог и постигнувањето на консензус, според мене се на врвот на вредностите и стандардите кои го дефинираат демократскиот амбиент и политичката култура на едно општество. Во исто време, тоа, колку овие вредности и стандарди се практикуваат, е основното мерило за тоа колку демократски владее една влада. Вистинското место, или ако сакате арена каде што треба да се води политичкиот дијалог и каде што треба да се постигне консензус е Собранието. Тој дијалог, не треба да се ограничи само на политичките партии застапени во Собранието, туку во него треба да се вклучени граѓанските организации, невладиниот сектор, експерти и други општествени формални или неформални групи. За да се оствари тој дијалог, во Деловникот за работа на Собранието постојат одредби кои го овозможуваат тој механизам и можам да кажам дека тоа е моја заложба од самиот почеток на застанување на чело на законодавниот дом, затоа што верувам дека тоа е единствениот начин во домот на демократијата да функционираат стандардите и принципите на парламентарната демократија, а не Собранието да биде само продолжена рака на извршната власт, односно да се сведе само на гласачка машина.

Почитувани пријатели,

Пред скоро 4 години, кај нас се случија настани кои според мене беа предизвикани од несоодветниот однос на Владата кон младите, поточно студентската популација, а стануваше збор за донесување на закон кој најдиректно ги засегаше студентите. Законот беше предложен без да има претходно каков било дијалог, консултирање со студентите, ниту пак беше поткрепен со стручни аргументи. Знаете, мислам на студентскиот пленум, кој со своите активности и организираност, ни покажа на нас постарите политичари како не треба да се владее. Студентскиот пленум има уште неколку други, многу значајни карактеристики кои се битни за нашето општество и држава. Имено, студентите тогаш настапија сплотени, заедно, без разлика на нивната етничка припадност, без разлика дали се членови или симпатизери на оваа или онаа политичка партија. Јас сум убеден дека, студентите и младите воопшто се онаа движечка сила, оној мотор кој ги придвижува работите кон подобро, во иста линија со современите сфаќања и потреби на новото време на глобализација.

Дами и господа,

Како резултат на отвореноста за дијалог и подготвеноста преку компромиси да се најде заедничко прифатливо решение, односно да се постигне консензус за одредени прашања, оваа влада, успеа да понуди решение за надминување на долгогодишната блокада на нашето интегрирање во НАТО и ЕУ. Договорот од Преспа, зад кој застанаа премиерите на Република Македонија и Република Грција, Заев и Ципрас, ни ги отвора вратите за членство во НАТО и започнување на преговорите со ЕУ односно, за реализација на нашата стратешка определба детерминирана уште пред 27 години. Верувам дека нашата јавност добро знае дека со тоа обезбедуваме стабилна сегашност и многу подобра иднина за генерациите кои доаѓаат после нас. Актуелното мнозинство овој договор со Грција сега го стави на одлучување пред граѓаните, со убедување дека на 30-ти септември на референдумот ќе добие целосна поддршка за потоа да се пристапи кон следната фаза од Договорот, односно усвојувањето на уставните измени. И сега, како политичар, а пред сè како граѓанин кој чувствува одговорност за својата земја, за своите деца но и за децата на моите соседи и пријатели, апелирам до сите учесници во кампањата да бидат искрени и да се обраќаат со вистинити факти и тврдења пред граѓаните за да бидат веродостојно информирани и да не се обидуваат за ситни дневно политички поени да предизвикаат штета чија што цена потоа ќе ја плаќаме сите. Во исто време, од нашите стратешки партнери, од сите врвни европски државници и политичари и од целата европска јавност добиваме целосна поддршка со апел до граѓаните да го искористат демократското право и на 30-ти септември да излезат и да гласаат на референдумот. Секако дека ова би требало да биде доволен знак за сите граѓани дека оваа можност не смее да се испушти. Во целата оваа состојба, тоа што мене ме охрабрува и ме исполнува со оптимизам е следното: според истражувањата на јавното мислење, токму младата генерација, и повторно без разлика на која етничка заедница припаѓа, или на која политичка опција е наклонета, го поддржува Договорот од Преспа и секако референдумот. Ваквиот став на младата генерација, не обврзува нас, постарите, кои во овој историски момент сме на чело на државата, на две работи. Прво, на 30-ти септември, кога граѓаните верувам ќе гласаат за поддршка на Договорот од Преспа, да не дозволиме да не понесе триумфализмот и второ, да продолжиме многу поинтензивно да работиме на остварувањето на нашите стратешки цели. И бидејќи тоа подразбира серија реформи за кои ќе мораме да постигнеме национален консензус, како парламентарно мнозинство ќе мораме да посветиме уште поголемо внимание на воспоставување на вистински политички дијалог со сите парламентарни партии и постигнување на консензус за сите оние предизвици кои стојат пред нас на патот за членство во НАТО и ЕУ. Секако, тој политички дијалог нема да се ограничи само на договор меѓу парламентарните партии, туку ќе биде пред сè транспарентен и отворен дијалог со сите општествени чинители, со невладиниот сектор, експертската јавност и други засегнати страни.

Во текот на моето обраќање вчера, спомнав дека е во тек подготовка на Закон за млади во чија подготовка, покрај помлади пратеници од сите парламентарни партии учествуваат и претставници на младинските организации, експерти и претставници од невладиниот сектор, што е добар пример за воспоставување на еден широк и квалитетен консултативен дијалог за креирање на конкретна политика за конкретна целна група. Верувам дека на оваа конференција, слушнавте или ќе слушнеме за вакви и слични позитивни примери во другите држави од регионот. Секако дека кога станува збор за политичкиот дијалог со младата генерација и за постигнувањето консензус, ќе биде многу корисно да ги слушнеме, но и да научиме да ги применуваме искуствата и позитивните практики од Европскиот парламент. Да не заборавиме, светот навистина останува на младите, сепак одговорноста за тоа каков свет ќе им оставиме е на нас, постарата генерација!



Слични Објави