Е-КОНЗУЛАТ – нов, полесен пристап до конзуларните услуги во странство

/

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска ја презентираше првата фаза на проектот Е-КОНЗУЛАТ, дигитилизирана платформа на конзуларните услуги, со кој значајно се поедноставува процесот на добивање на одреден документ и зголемува ефикасноста на дипломатско-конзуларните претставништва со странство.

-Проектот се подготвува подолго време и произлегува од поплаките, коментарите и сугестиите на нашите државјани во странство и дијаспората. Преку него се овозможува далеку полесен пристап до конзуларните услуги: од барањето за одредена конзуларна услуга, па се до издавањето на документот – се внесува јасна временска и системска предвидливост и се штедат средства, нагласи Османи.

Според него, наместо да доаѓаат до нашите дипломатско- конзуларни претставништва и да ги поднесуваат апликациите, сега тоа ќе можат да го сторат преку интернет, преку своите мобилни телефони, а за некои од побараните документи, многу наскоро ќе можат и да ги добијат по пошта назад, со што би се скратиле дури две патувања до нашите претставништва.

-Целиот процес ќе се одвива електронски, вклучително и добивањето на термин и плаќањето на конзуларната услуга, а меѓу услугите на Е-КОНЗУЛАТ се аплицирање за нов пасош, за патен лист, добивање потврда за државјански статус, потврда од казнена или кривична евиденција, изводи од матични книги, потврда за иста личност, спроводница, уверение за слободна брачна состојба, но и термин за други конзуларни услуги во нашите дипломатско-конзуларни претставништва, објасни Османи



Тој појасни дека со ова почнува првата фаза на проектот кој ќе се надградува во наредниот период со дополнителни услуги.

-Проектот е од директна полза на нашите граѓани и дијаспората во странство, подвлече министерот.

Претходна статија

РСБСП: Во земјава лани 116 лица го загубиле животот во сообраќајки

Следна статија

Приведен 26-годишник, пронајдени огревни дрва без документација

Најново од Вести