ЕКСПЕРТИТЕ ОБЈАСНУВААТ ЗОШТО НЕКОИ ДОБИВААТ ТРОМБ ПО ВАКЦИНАТА НА „АСТРА ЗЕНЕКА“
Европски и канадски научници можеби најдоа објаснување за ретката, но сериозна појава на згрутчување на крвта кај некои луѓе имунизирани со вакцината на „Астра зенека“ против коронавирусот, пишува британската агенција „Ројтерс“.
Се верува дека феноменот е сличен на оној што ретко се случува како и кај лекот за разредување на крвта „хепарин“, познат како тромбоцитопенија предизвикана од лекот.
Во оваа форма на тромбоцитопенија лекот го активира имунолошкиот систем да произведува антитела што ги активираат тромбоцитите што вообичаено предизвикуваат згрутчување на крвта.
Освен „хепаринот“, и други лекови исто така може да предизвикаат нарушувања на коагулацијата, кои се многу слични на овој лек, а научниците сметаат дека во ретки случаи вакцината на „Астра зенека“ исто така може да биде таков активирач.
Четири претходно здрави лица, кои примиле вакцина од „Астра зенека“, развиле потенцијално фатални тромби и имале ист вид антитела што активираат тромбоцити и активираат формирање тромб во тромбоцитопенија предизвикана од „хепарин“, напишаа германски, австриски и канадски научници во најновото истражување.
Дваесет вакцинирани лица, кои не развиле тромби, немале такви антитела.
Милиони луѓе ја примиле вакцината, без никакви проблеми, а европските регулатори и Светската здравствена организација објавија дека придобивките од вакцината на „Астра зенека“ ги надминуваат ризиците.