| |

Енергетскиот сектор во Република Македонија (4)

Од технички аспект пак се појавуваат и неколку дилеми околу крајното решение, што би се направило со постојните хидро електрани и уште поважно што со постоечките рудници и евентуално новоизградените. Кога говорам за хидро електраните истите во текот на години на назад во истите се правени инвестициони зафати и истите се донесени во релативно добра експлоатациона кондиција. За појаснување кај хидоелектраните најголемиот трошок е самата изградба на објектот вклучувајќи ја и браната, така да исплатливоста и повратокот на инвестициите доаѓаат со години покасно, затоа сега да им ги продате на некој готови, направени, реструктуирани, модернизирани и вовреме кога се очекува повратот на средствата, профитот, не знам кој е интересот. Мислам дека е чиста загуба, говорам за државата и луѓето во неа.

Вториот горлив проблем е што со рудниците. Секаде во светот тие се природно благо и ресурс на државата, најмногу што може да се даде е на концесија, на начин со јавно приватно партнерство да се експлоатира енергенсот и истиот да биде продаден за потребите на државата за експлоатација во актуелните термоелектрани. Предупредувам дека капацитетите на нашите рудници, кои се користат како база за производство на енергија на енергија е на самиот крај, во енергетска смисла на зборот, државата нема некоја реална стратегија и национална програма која ќе антиципира што ние како држава ќе правиме во моментот кога постојните капацитети ќе исчезнат, а тоа се случува со рудниците Осломеј, Суводол а нови сем рудник Брод-Гнеотино нема. Во такви услови, а со ваква неактивност, претходната влада сем исцрпните испитувања не отвори ни еден нов рудник за експлоатација на јаглен и за тоа жалам најискрено, но реалноста е таа, ние како држава нема да имаме енергенси, а држава без енергенси е загрозена по дефиниција. Во оваа измината година не гледам некои претргнувања во однос на отворањето на некој нов рудник, или евентуална најава за таков.

Упорно се форсира и по последните најави на вицепремиерот Кочо Анѓушев на „Инвестицискиот самит за Западен Балкан“ кој се одржа во Лондон неговите приоритети и приоритети на владата се „Република Македонија е земја со голем потенцијал за производство на електрична енергија од обновливи извори, особено користејќи го сонцето како извор на енергија. За таа цел планираме во наредните години да ја зголемиме инсталираната моќност во фотонапонските централи за дополнителни 200MW , што е зголемување за околу 1200% и дополнителни 50MW во ветерни електрани, преку модел на „Премија“. Понатаму Анѓушев продолжува: „Не можеме да се потпираме само на обновливите извори на енергија бидејќи природата е непредвидлива и мора да имаме производство што ќе обезбедува што ќе обезбедува оптимална електрична енергија за потребите на потрошувачите. Паралелно ќе работиме на ревитализација на постоечките термоцентрали, за производство на електрична енергија од висококалоричен јаглен, со што позитивно ќе влијаеме на заштита на животната средина, а воедно ќе работиме на зголемување на обновливите извори на енергија: 200MW фотонапонските централи, изградба на нови мали хидро централи, како и изградба на нови 50MW во ветерни електрани. Очекуваниот капацитет на нови извори  за енергија би бил околу 400MW, станува збор за значително зголемување на енергетските капацитети“.

Во делот за новите обновливите извори апсолутно се согласувам со почитуваниот Вице премиер Кочо Анѓушев, но и тука сигурно, намерно е прескокнат делот со отворање на нови рудници, а неместо тоа добиваме предлог за увоз на висококалоричен јаглен за кој има два основни проблеми, го немаме во државата и е премногу скап на пазарот (железница не постои за транспорт до РЕК Битола), второ нашите термоцентрали не се правени и модернизирани за ваков висококалоричен јаглен. Секоја држава во светот треба да се прилагоди на сопствените ресурси и она што ни го дала мајката природа. Со влегувањето во Европската Унија многу работи се менуваат и ако не го дочекаме спремни, ако воопшто и го дочекаме, тогаш според многу параметри нашите електрани ќе бидат неупотребливи и затворени, а нивна модернизација за да ги задоволат еколошките параметри за држава како Република Македонија чини премногу. Решението и на овој проблем е во јавното приватно партнерство со давање концесии на евентуалниот инвеститор, а државата да ги користи откриените и донесени количини на јаглен за сопствени потреби.

За надминување на оваа ситуација и одржување на енергетскиот систем во регионот и кај нас, тогаш само формирањето на еден заеднички  енергетски пазар, единствена регионална берза и воведување на универзален снабдувач за електрична енергија и гас може да биде едно од решенијата. Додека на се стигне до него треба да се работи на меѓусебна соработка меѓу државите соседи, и да се најдат решенија за отстранување на административните бариери и да се обезбеди слободен проток на енергијата.

Ова е неисцрпна тема и може да предизвика поголем интерес кај обичниот читател, ова се само првични, делимични согледувања на само дел од проблемите. Ако се покаже некој интерес може да се продолжи со разјаснување и на други проблематики како што е либерализацијата, законските норми предвидени во енергетскиот сектор, увозот и извозот на електрична енергија, моменталната состојба во пооделни претпријатија, но за тоа во некоја друга прилика.

Автор:  м-р Спиро Мавровски

Слични Објави