|

„Ердоган е силен и полн со енергија“ – турскиот претседател продолжува со кампањата и претседателските должности

Турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган е „исклучително силен“ и ќе продолжи да ја води земјата, изјави денеска шефот на Канцеларијата за комуникации на турскиот претседател, Фахртин Алтун.

„Целта на гласините и дезинформациите за здравјето на нашиот претседател е да ја свртат политичката ситуација. Нашиот претседател е исклучително силен и полн со енергија и ќе ја води државата долго време“, рече Алтун.

Тој додаде дека Ердоган продолжува активно да ги извршува своите претседателски должности, пренесува „ТАСС“.

Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа изјави дека Ердоган се чувствува подобро откако се лекува од недамнешна инфекција и наскоро ќе ја продолжи изборната кампања.

„Претседателот е во одлична здравствена состојба. Ефектите од инфекцијата врз неговото тело се намалија. Се сретнав со него и тој испраќа поздрав до сите. Наскоро ќе продолжи со работа во рамките на предизборната кампања“, рече тој.

Ердоган беше хоспитализиран вчера откако се чувствуваше лошо за време на телевизиско интервју. Подоцна беше објавено дека се работи само за стомачен грип. „ТАСС“ јавува дека болеста на Ердоган поттикна гласини дека тој страда од сериозни здравствени проблеми, но турските власти ги отфрлија таквите наводи.



Слични Објави