| |

Erga omnes принцип

Facebook статус на Никица Корубин

“Оваа Спогодба е конечна … “

“Страните го прифаќаат како обврзувачки исходот од преговорите, коишто се одвиваа под покровителство на Обединетите нации …”

“Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes …” (Преспански договор).

Принципот “erga omnes” не е ексклузивен принцип измислен за нас и за нашиот спор со Грција и Обединетите нации, во однос на името на државата и нејзиното позиционирање кон соседите; туку принцип во меѓународното право, кое означува примена во целост и “кон сите” односно кон “целата меѓународна заедница”. Тоа на никој начин и во никој случај не не’ исклучува ниту нас самите, затоа што сме составен дел на меѓународната заедница.

Зошто тогаш, од самиот старт и во однос на спорот за името, но и во однос на наследениот национален наратив, се наметнува принципот “за внатрешна употреба” и се спротиставува на принципот “erga omnes” контра светот? И какво е тоа “право” кое важи само и исклучиво на нашата територија и во нашиот правен поредок?

Дека не станува збор само, за речиси 30-годишниот спор во Обединетите нации во однос на државноста на Северна Македонија во меѓународниот поредок, каде името беше и е (зло)употребено како емоционален тригер за “заробување” на свеста и знаењето на граѓаните во широкиот дијапазон на “заробеното општество”; најсликовито се гледа во однос на наметнуваниот став на ниво на догма во однос на националниот наратив – популарно и (зло)намерно наречен “идентитет”.

Па, по идентичната матрица на дезавуирање, дискредитирање и одбивање на принципот “erga omnes” за името, и вештачко наметнување на конструиран принцип “за внатрешна употреба”; дали всушност зародишот на овој принцип е “идентитетски”, па имаме национален наратив “за внатрешна употреба” кој научно-методолошки е речиси целосно неприменлив никаде (со чест на мали исклучоци), освен тука кај нас, и се спротиставува на “историјата базирана на факти” која важи “erga omnes”, односно секаде во светот?

Дали “внатрешната употреба” за името, со кое беа одолговлекувани преговорите со Грција под покровителство на Обединетите нации, за кое време се “заробуваше” општеството и се “трошеа” нашите лични животи; всушност беше само пресликана од принципот на “наследената и конструирана национална историја” која важи само “за внатрешна употреба” и врз основа на која е наметнат единствениот дозволен “наратив и идентитет”; и е неприменлива никаде на друго место во светската научна јавност?

Лесно проверливо преку импактот и присуството на нашата научна фела (особено во делот на историските, археолошките и класичните науки), во регионални, европски и светски рамки. Една од “забранетите теми” за кои не е пожелно и подобно да се зборува: која научна теза на која се повикува нашата научна јавност, и ја наметнува како “идентитетска одредница” е презентирана, верификувана и одбранета пред светската научна јавност, “базирана на факти”, широко прифатена и кредибилна, како авторство на наш научен авторитет, но не “авторитет за внатрешна употреба” туку “авторитет erga omnes”?

Што пак не’ води директно до чинот на постоење на двете комисии за “историски прашања” и во Преспанскиот договор и во Договорот со Бугарија, и жестокиот отпор кон нив. Особено видлив и применлив во Договорот со Бугарија, и инсистирањето на “јавноста” (историска, медиумска, невладина, партиска) за “рушење” на преговарачката рамка на ЕУ на “идентитетските прашања”, она што веќе беше воспоставено преку “името за внатрешна употреба” во Договорот со Грција. Матрицата е иста, финесите се разликуваат, а таргетот е монструозен – игра со идентитетската самодоверба на цел етнос. Но, дали тука всушност се крие стравот за соочување на наративот за “внатрешна употреба” со историјата и правото базирано на факти “erga omnes”?

Но, чувајќи го наративот, што всушност се чува? Минатото кое не смее да замине или иднината која не смее да дојде? Поттикнувањето на непочитување на сопствениот устав со фундаменталистичко инсистирање на “грешност” при именувањето на сопствената држава со современото име, со историска реминисценца Северна Македонија “erga omnes”, единствената држава во меѓународниот поредок, која го содржи терминот (а, не името) “Македонија” и го дели врз основа на историја базирана на факти со соседните држави, и со меѓународните договори (член 7 од Преспанскиот договор); е всушност (само)изолирање на државата и граѓаните од меѓународниот правен поредок, со директни последици врз нејзината функционалност, развој и просперитет.

Реалноста е една и за сите. Прашање е дали ќе продолжиме да глумиме дека не ја гледаме, или ќе бидеме дел од неа. Реалност за “внатрешна употреба” не постои. Таа е една и е “erga omnes”. Вистината е онолку тешка колку што е јасна свеста за туѓиот страв. Северна Македонија како современа држава, позиционирана и интегрирана во меѓународниот правен поредок, можеби е нечиј страв, но за граѓаните е единствениот спас за нормалност, извесност и предвидливост. Спасот од опасноста сите уште еднаш “да бидеме употребени”, внатрешно или надворешно сеедно.



Слични Објави