ЕУ и НАТО со поддршка за Бугарија за нејзината одлука да протера 70 руски дипломати од Софија

//

ЕУ и НАТО ја поддржуваат Бугарија во нејзината одлука да протера 70 руски дипломати од Софија и изразува солидарност со официјална Софија.

Во соопштението на Европската служба за надворешни работи се вели дека Европската унија жали за неоснованата закана од страна на Руската Федерација за прекин на дипломатските односи со Бугарија како одговор на одлуката на Бугарија, која е во целосна согласност со меѓународното право, за протерување на 70 службеници на руската амбасада, кои работеле спротивно на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Европската унија изразува целосна поддршка и солидарност со Бугарија во овие околности и внимателно ќе ја следи ситуацијата. Таков непропорционален чекор од страна на Русија само би послужил за нејзина понатамошна меѓународна изолација, велат и од канцеларијата на Жозеп Борел.



Портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, исто така, рече дека одлуката на Бугарија да протера 70 руски претставници како странски агенти е суверена и треба да се почитува.

„Сојузниците во НАТО силно го осудуваат долгогодишното пркосно однесување на Русија и нејзините обиди да се меша во демократските процеси и институции и да ја загрозува безбедноста на нашите граѓани“, се вели во соопштението на НАТО. Алијансата ја изразува својата солидарност со Бугарија.



Претходна статија

Асен Василев ќе биде кандидатот на Продолжуваме промената за нов бугарски премиер

Следна статија

Владејачката коалиција го разгледува предлогот на француското претседателство

Најново од Вести