|

Европа се загрева најбрзо: објавен е алармантен извештај

Заедничкиот извештај објавен од Коперник (Служба за следење на климатските промени на ЕУ) и Светската метеоролошка организација (СМО) откри загрижувачки нови податоци. Имено, Европејците преку ден страдаат од невидена топлина, а навечер се под стрес поради непријатните горештини.

Европа е континентот кој најбрзо се загрева, предупредуваат експертите, затоплување со стапка далеку над глобалниот просек.

Стапката на смртност од топлина е зголемена за 30% во последните две децении во Европа. Економските загуби поврзани со временските услови и климата се проценуваат на 13,4 милијарди евра, според извештајот како што објави „The Guardian“.

Според извештајот, температурите низ Европа биле над просекот 11 месеци минатата година, вклучувајќи го и најтоплиот септември од почетокот на евиденцијата. Поради жештините и сушата имаше големи пожари кои ги опустошија селата и ги „задушија“ жителите на градовите.

Пожарите беа најинтензивни во јужноевропските земји како Португалија, Шпанија и Италија. Грција беше погодена од најголемиот шумски пожар во ЕУ, изгореа 96.000 хектари шума, се вели во извештајот.

Од друга страна, обилните дождови предизвикаа смртоносни поплави. Во 2023 година, Европа беше околу 7% повлажна од просекот во последните три децении. „Минатата година Европа беше погодена од најголемиот шумски пожар. Во исто време бевме сведоци на една од највлажните години, силни морски топлотни бранови и разорни поплави“, изјави Карло Буонтемпо, директор на Коперник.

Континентот ја доживеа најтоплата година досега. Северо-западна Европа го доживеа најтоплиот јуни досега, додека поголемиот дел од Европа беше погоден од топлотни бранови за време на „продолженото лето“ од јуни до септември.

На врвот на топлотниот бран во јули, 41 отсто од јужна Европа беше погодена од силен до екстремен топлотен стрес, што ги влошува постоечките здравствени состојби и може да го зголеми ризикот од болести.

На Пиринејскиот Полуостров и во Источна Европа имаше суша. Бројот на денови со снежни врнежи беше под просекот, се вели во извештајот, а недостатокот на зимски снег во комбинација со летните топлотни бранови значеше дека глечерите на Алпите исклучително се топат. Во последните две години, алпските глечери изгубија околу 10% од преостанатиот волумен.

Сè уште не е сосема јасно како глобалното затоплување предизвикува се повеќе и повеќе обилни врнежи. Потоплиот воздух може да задржи повеќе влага, што овозможува поекстремни бури. Но, од друга страна, поради сложеноста на климатските промени, врнежите не мора секогаш да се случуваат. Постои многу посилна врска помеѓу глобалното затоплување и топлотните бранови.

Извештајот не дава податоци за минатата година за бројот на смртни случаи поврзани со топлина, но се знае дека имало 70.000 дополнителни смртни случаи поврзани со топлина во 2022 година. „Бројот на смртни случаи поврзани со топлина веројатно ќе биде поголем во 2023 година“, рече климатологот Фридерике Ото од Империјал колеџ во Лондон.



Слични Објави