Франција под закана од руски шпиони под дипломатска маска
Поради својата важност на меѓународната сцена, Франција е особено изложена на руска шпионажа, мешање и дезинформации, особено од разузнавачите кои оперираат под маската на дипломати.
Ова е предупредувањето со кое Никола Лерне, шеф на француската домашна разузнавачка служба, го соочил Комитетот за истражување на странското мешање на француското Национално собрание, пренесува „Еурактив“.
Сослушувањето, кое се одржало лани во февруари, но беше објавено дури сега, го водел пратеникот од Национален сојуз (РН), Жан-Филип Танги.
Лерне, шеф на Генералниот директорат за внатрешна безбедност (ДГСИ), предупредил на политичкото мешање и на важноста на дезинформациите во поткопување на ‘гласот на Франција’.
Според него, инфилтрацијата на разузнавачи под дипломатска маска останува една од главните алатки, особено користена од Русија, која го поседува најважниот механизам.
Лерне додава дека нивниот број значително се намалил од почетокот на украинската криза, особено по протерувањето на многу агенти под дипломатска маска од француско и европско тло.
Во оваа сфера, и Кина одржува разузнавачка мрежа под дипломатска маска, но многу помалку развиена од онаа на Русија, истакнува Лернер.
ДСГИ е загрижен и за инфилтрацијата на странски земји во француското граѓанско општество. Француските разузнавачки служби се особено внимателни во академските и истражувачките кругови, кои се многу поизложени на шпионажа и мешање.
„Кина и Русија, кои денес се во фокусот на европското внимание, се државите со најуспешни разузнавачки политики. Покрај влијанието, шпионажата и мешањето, овие земји имаат политика на информирање или дезинформирање за дискредитирање на француското влијание и модел,“ вели шефот на француското разузнавање.
Во однос на мешањето во политичките кругови, главниот предмет на истрага на парламентарната комисија, Лерне открил контакти со руски разузнавачи под дипломатска маска и ги известил за тоа неколку француски парламентарци во неколку пригоди во изминатите месеци.
Според Лерне, високи политички фигури од Фрамција во минатото одржувале врски со странски шпиони, понекогаш и без нивно знаење, но финансиските врски бил многу поретки бидејќи француското разузнавање ги идентификувало само повремено и во поединечни случаи.
Посочувајќи го примерот на француските функционери кои отишле во Донбас или Крим во набљудувачка мисија на изборите, Лернер смета дека ова е прекумерен израз на сојузништво со засегнатата земја.
Тој сепак истакнува дека ниту една француска политичка партија досега не била манипулирана од странска сила.