|

Грешка го врати „Титаник 2“ од Апелација во Кривичен и го доближи Мијалков до спас од прогон

Пресудата за „Титаник 2“, која 43 дена патуваше од Кривичниот суд до Апелација, сега се враќа назад во првостепениот суд. Причината е тоа што Кривичниот суд предвреме го пратил предметот и не го почекал рокот од 15 дена во кој обвинетите, меѓу кои се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, може да поднесат жалби.

„Последната достава на првостепената пресуда е со прием од обвинет на 2.3.2023 година, што значи рокот за поднесување жалба почнал да тече на 3.3.2023 година и рокот во кој обвинетиот може да го искористи правото на жалба истекува на 17.3.2023 година“, велат од Апелација и додаваат: „Првостепениот суд не го чекал рокот од 15 дена за евентуално изјавена жалба и пред истекот на тој рок го доставил предметот со списите на постапување и одлучување во Апелациониот суд Скопје“.

Во Законот за кривичната постапка е предвидено дека жалбата и одговорот на жалбата со сите списи, првостепениот суд во рок од три дена од приемот на одговорот на жалбата, односно по истекот на рокот за поднесување одговор на жалбата, ќе ги достави до второстепениот суд.

„Од наведените причини предметот административно му е вратен на првостепениот суд за тој да постапи и по истекот на законските рокови за изјавување жалба, односно одговор на жалба, предметот со сите списи да се достави до Апелациониот суд Скопје на одлучување во жалбена постапка“, посочуваат од Апелација.

Пресудата за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и за лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за предметот „Титаник 2“, патуваше 43 дена од Кривичежниот суд до Апелација. Сега има уште 23 дена пред делото на Мијалков да му застари, а тоа е рок во кој Апелација треба да го добие предметот, да добие мислење од Вишото обвинителство – Скопје, да закаже јавна седница и да одлучи. Во спротивно, Мијалков може да се спаси од одговорност.

Мијалков се гони за изборни нерегуларности на изборите во 2013 година, дело што застарува по 10 години, односно во 2023 година.

За овој предмет двапати се изрекува пресуда. Првата беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичниот суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.

Слични Објави