Груби пак ќе биде опоменат за користењето службени простории за партиски средби, вели Грковска
На вицепремиерот и министер за политички систем и однос меѓу заедниците, Артан Груби, ќе му биде повторно изречена опомена за непочитување на етичкиот кодекс. Ова го посочи вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
„Жал ми е што и покрај опомената што ја изрековме првиот пат има повторување, во тој случај ние покрај тоа што повторно ќе искажеме опомена, ќе го информираме премиерот дека се повторува праксата државни простории да се користат за партиски институции, а тоа воопшто не е во линија не само во рамките на одредбите на етичкиот кодекс туку и во однос на насоките и определбата на поделба на партија од државата“, рече таа и додаде:
„Треба да бидеме уште повеќе посветени да ставаме јасна дистинкција што е партиска, а што државна активност“.
Ваквата реакција од Грковска следува откако, наместо во партиското седиште, лидерски средби на ДУИ се одржале со европските дипломати од т.н. вајмарска тројка во просториите на Министерството за политички систем.