И СРПСКИОТ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ НАСТРАДАЛ ОД БОКИ ТРЕДИЧИ

Откако предложениот за почесен конзул на Р. Бугарија Орце Камчев си ги побара парите „заминати во непознат правец“ од аферата „Рекет“, денеска истото го направи и почесниот конзул на Р. Србија во земјата познатиот бизнисмен Силјан Мицевски.

Денеска пред да влезе кај обвинителката Русковска, за да даде исказ по случајот „Рекет“, Мицевски изјави пред новинарите дека не уплаќал пари на сметката на никаква пензионерка туку на Меѓународниот сојуз на Боки 13.

Меѓународниот сојуз во буквална смисла испадна меѓународен. Би било интересно да се дознае, дали и други активни почесни конзули или такви во најава станале жртва на „рекетарот“ Јовановски? Ништо веќе не е сигурно во нашата земја. Денеска си познат бизнисмен и почесен конзул, а утре веќе си жртва на „Рекет“. Да чува Господ.

Чуден е молкот од страна на лидерите на политичките партии на Србите во Македонија? Сепак се работи за важен човек за нивната татковина Србија. Досега требаше барем една реакција да има, без разлика дали ќе дојде од чика Дража или од Иван Стоилковиќ.  Би било фино да се застапат за човекот и да ги повикаат македонските власти што побрзо да ја завршат истрагата  и 720-те илјади евра на Мицевски да бидат првите што ќе се завртат како вратени на бројчаникот.

Оф се извинувам бројчаникот Заев го најави за да ги врти парите украдени во „вмровско“ време, а Мицевски „го изеде“ откако дојде „животот“. Значи ништо од бизнисот. Дечки џабе го чекаме бројчаникот, и да дојде нема да е интересно без парите на Мицевски, кој ем потврдил пред надлежните органи дека ги уплатил на сметката на пензионерката Тодоровска, како авторски хонорар, ем сега ги праќа новинарите да го прашаат Бојан Јовановски како ќе си ги врати истите тие пари. Матно изгледа нели? Ама само изгледа.

Играта е јасна како бел ден Мицевски бил уценет со нешто и затоа влегол во играта, сега откако „Рекет“ замириса, нема ништо пологично од тоа, да се охрабри, да излезе да го даде својот исказ пред Русковска и тоа забележете на своја иницијатива.

„Рекет“ треба да биде затворен што побрзо за доброто на сите, и на почесните конзули и на обичните граѓани. Највеќе заради обичните граѓани, бидејќи ако ги немаше нив, немаше да ги има ниту тајкуните, ниту истражните органи, кои да истражуваат, како му текнало на Боки, да ги уценува истите тие тајкуни.

Господа лидери на српските партии во Македонија, не стојте со скрстени раце, барајте правда барајте мир, вашиот почесен конзул си ги бара парите назад.

Автор: Атанас Величков