Инспекторатот за труд потсетува: Од 1-ви јануари недела е неработен ден, ќе има дежурни инспектори, работниците да пријават прекршувања на правата

/

Од 1 јануари недела се дефинира како неработен ден. Собранието ги усвои законските измени за работни односи, а кои ќе се применуваат од следната година.

Прецизирани се дејностите во кои неделниот одмор може да се замени и со друг работен ден и тие по проценките се неопходни за нормално функционирање на општеството. Измените предвидуваат за 50 проценти поголема дневница и слободен ден за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности.

Државниот инспекторат за труд информира дека со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања на Законот за работни односи за недела неработен ден, од 2 јануари ќе воспостави дежурства во недела по региони, на кои работниците можат да пријават доколку им се прекршени правата во врска со работата во недела.

-Се известуваат сите работодавачи дека од 01.01.2022 година влегуваат во сила измените и дополнувањата на Законот за работните односи (Сл. Весник на РСМ бр.288/2021) со кои во член 134 став 2 е регулирано дека, „ден на неделен одмор е недела”, потсетуваат од Инспекторатот.

Екс-премиерот Зоран Заев ги поздрави усвоените измени на Законот за работни односи, со кои недела станува ден на неделен одмор од 1-ви јануари 2022 година.

-Новиот закон предвидува: 50% повисока дневница за работниците ангажирани во дејности кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати; 100% повисока дневница за работа во недела за вработените во трговските центри; 2% од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки, посочува премиерот.



Според него, со ова законско решение се овозможува воспоставување рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот.

-Оваа рамнотежа придонесува работникот да биде поефикасен и помотивиран на работното место, а од друга страна да има и приватен живот – семеен и социјален, што ги задоволува неговите потреби и потребите на неговите блиски. Им честитам на сите работнички и работници. Вие сте столбот на нашата економија и движечка сила на државата, истакна Заев во објава на социјалните мрежи.

Извор: zoom.mk



Претходна статија

Сончево со мала облачност, во текот на новогодишната ноќ ведро, со температури над нулата

Следна статија

И Орце Камчев излезе од „Шутка“, на прегледи во Систина

Најново од Вести