| |

Иредентистички космополитизам

Facebook статус на Никица Корубин

Ширејќи ја линијата на “фронтот” кон Албанија, во заокружувањето на квази-патриотскиот круг од исток, преку југ кон запад, една страна останува отворена и небранета: северот. “Идентитетски” сигурна. Во духот на член 3 од нашиот устав: “Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”; за сега декларативно, со вакво поведение, газиме по острицата на сопственото право.

Проширени и надоградени со целосно почитување на членот 49 од нашиот устав: “Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културно наследство на македонскиот народ. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство. Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ, и другите и ги негува и унапредува врските со татковината. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи”.

Ако веќе сериозно не сме го начнале националниот и меѓународен интерес на сопствената држава преку потенцијално прекршување на членот 3 од сопствениот устав, секогаш на располагање ни стои членот 49. Во неговото потенцијално и доследно прекршување.

Овие два члена се комплементарни во својата суштина денес, и се дел од Времената спогодба од 1995 година, а последователно и на Преспанскиот договор во 2018 година. Под изведба, мониторниг и покровителство на Обединтетие нации. Што значи дека “спорот за името” никогаш и не бил за “името”, туку за позиционирањето на новата држава од 1991 година, во своето политички, меѓународно и геостратешки дефинирано соседство.

Тоа што после 33 години независност, “успеваме” да докажеме дека суштината била во овие два члена, а не во монструозниот инжињеринг, искористен како емотивно-идентитетска мамка “името го дадовме”, повторно се должи на регионот или барем дел од него, но не во оној во кој треба да постоиме како современа, европска и функционална држава, базирана на правото; туку како конструиран мит, базиран на хегемонистичките желби и соништа. Наши? Сиурно не. “Нашиот” иредентизам е декларативен, наменски и автодеструктивен. Бидејќи е изворно туѓ.

Па, оттаму легалистички следејќи го нашиот устав, трајно имплеметниран преку Преспанскиот договор во меѓународното право, Обединетите нации и Европската унија; легитимно е прашањето: кои се “нашинците” во Албанија, Грција и Бугарија, за кои нашата држава може да се грижи како за нас граѓаните во сопствената држава? Одговорот е исклучително лесен: тие што се државјани на Северна Македонија и имаат македонско државјанство и согласно член 49 “живеат или престојуваат во странство”.

И притоа со таа грижа на никој начин, како што вели членот 49 во продолжението “нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи”. На толку легалисти, професори и правници, во нашата гласна “јавност”, власт и опозиција, експертиза и академија, елитисти и патриоти; баш е чудно како никој нема забелешка на имплементирањето, следењето и спроведувањето на овие членови од нашиот устав во декларативната пракса.

Затоа, не е лошо, да видиме колку “нашинци” во соседните земји имаат македонско државјанство, кој е единствениот услов под кој можеме да се грижиме за нив како за своја дијаспора и да толкуваме пописни резултати, пресуди на меѓународни судови и да го мериме реципроцитетот. Сето останато е свесно “одење по острицата” со произволно “толкување” на историјата, необмислено тактички и политички (или обмислено од друг) и со огромна потенцијална штета на одржливоста и функционалноста на државата.

А, кога сме кај историјата и повикувањето на нејзината митолошка фантазмагорично верзија, со елементарно (не)познавање или игнорирање на етносот vis a vis нацијата, а последователно на тоа на историската наука како призната методологија vis a vis “приказните”; ако се повикувате на “знамето од Вергина” и на “вековниот македонски идентитет”, на “славниот Александар Македонски”; треба и да го живеете неговиот космополитизам.

Пола Македонец, пола Епирец (Албанец), воспитан во Аристотеловски дух на неизмерна почит кон туѓите култури, немал проблем да прифати и практикува различни обичаи, навики, јазик и култура. Па, каде е тој изворен космополитизам денес, или убаво звучи само империјализмот (без основа и знаење)? Чуму “деца на Александар” ви пречи албанскиот јазик, албанското знаме, Бугарите во устав и Грците како стратешки партнери? Филехеленски Македонци тогаш, како пандан на Европски Македонци сега. Суштината е иста, времето е драстично различно.

Секоја приказна има своја намена. Но, за приказната да стане вистина, мора да има факти. А, за да има факти, мора да има пристап, принципи и правила. Проблемот со нашата приказна за нас самите, е отсуство на целосната вистина. Вистината зошто е создадена, зошто е одржувана, на сметка на самата вистина. Која во основа е практична и досадна, ама задолжителна, како членовите 3 и 49 од нашиот сопствен устав. Сакаме правила и принципи или приказни кои се создаваат и бришат, по (само)вољата на некого. Не нужно во интерес на граѓаните и нивната сегашност. А, без сегашност која ја разбираме, ќе нема ни минато кое го замислуваме.

СТАВОВИТЕ И МИСЛЕЊАТА ИЗНЕСЕНИ ВО РУБРИКАТА „ПОЗИЦИЈА“, НЕ СЕКОГАШ СЕ ИЗРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА ПОРТАЛОТ „ТРИБУНА“



Слични Објави