Изложба на наивецот Васко Ристовски во Музеј на Македонија

Истакнато Култура

Дваесет и седум слики, масло на стакло, од македонскиот наивец Васко Ристовски, ќе бидат претставени на изложбата „Македонска наивна уметност“, што денеска, 10 мај, во 19 часот, ќе биде отворена во Музејот на Македонија …

Ристовски како истакнат претставник на наивната уметност во Македонија, работи во техника масло на стакло, остварувајќи високи ликовни вредности коишто ја изразуваат неговата бујна имагинација.

Поетиката на неговото творење изобилува со динамика, нарација, колорит и мистика. Ристовски успева низ интелектуалниот израз да ја прикаже радоста на живеењето, како синергија на фантастиката и реалноста.

Роден 1967 година во Скопје, Васко Ристовски дипломирал на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Со сликарство се занимава од 1994 година, а како сликар на наивата речиси единствен во Македонија, досега има одржано седум самостојни изложби од кои шест во Скопје и една во Белград.