| |

ЈАВЕН КОНКУРС ЗА ИЗБОР НА ПРАВНИ ЛИЦА ЗА ДОБИВАЊЕ ЛИЦЕНЦА ЗА ИСПИТНИ ЦЕНТРИ СКОПЈЕ И СТРУМИЦА

Врз основа на член 241 став (1) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18 и 83/18) и член 50 од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално – техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар („Службен весник на Република Македонија“ бр. 139/16), Министерството за внатрешни работи распишува јавен конкурс за избор на правни лица за  добивање лиценца за испитни центри Скопје и Струмица.

I. Право на учество на јавниот конкурс за избор на правни лица за добивање лиценца за испитни центри Скопје и Струмица (во натамошниот текст: „јавен конкурс“) има секое правно лице кое ги исполнува условите за работа предвидени во член 244 став (1) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно:

– да има стручен кадар;

– да има организација на работа;

– да има уредени простории опремени со посебен уред (камери) и материјално – технички капацитети;

– да има сообраќаен автодром (полигон) во седиштето и подружниците во сопственост на испитниот центар или под закуп, кој ги исполнува пропишаните услови и сообраќајно-технички елементи;

– да има информатичка опрема за вршење на потребните работи и

– да има возила (сопствени или под закуп) од категориите за кои испитниот центар е овластен да врши испитување на кандидати за возачи согласно со одредбите од овој закон.

Покрај наведените законски услови, правните лица треба да ги исполнуваат и критериумите поблиску утврдени во членовите 46, 47, 48 и 49 од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално – техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар, односно:

– Испитниот центар треба да поседува простории и материјално-техничка опрема потребни за вршење на работите на организирање и спроведување на возачки испит за кандидат за возач во сопственост на испитниот центар или под закуп.

– Во седиштето на испитниот центар треба да има соодветни простории за административно работење на референтите и испитните комисии, просторија за работа на раководителот, просторија за работа на контролорот и другите вработени во испитниот центар.

– Пријавувањето на возачкиот испит кандидатите го вршат во посебни простории за пријавување (пријавни места), кои можат да бидат во сопственост на испитниот центар или под закуп, опремени со информатичка опрема за пријавување.

– Во седиштето на испитниот центар и во неговите подружници треба да има соодветни простории за изведување на теоретскиот дел од возачкиот испит кои обезбедуваат услови за спроведување на теоретскиот дел од возачкиот испит за најмалку 30 кандидати и кои треба да се опремени со соодветна информатичка опрема за спроведување на теоретскиот дел од возачкиот испит за најмалку 30 кандидати за возачи и истите може да бидат во сопственост на испитниот центар или под закуп. Во просториите треба да биде поставена и опрема за видео надзор која овозможува видео записи на спроведувањето на теоретскиот дел од возачкиот испит. За обезбедување на видео надзорот, просторијата (училницата) треба да е опремена со камери кои согласно димензиите и карактеристиките на просторијата ќе овозможат квалитетен видео запис кој овозможува препознавање на кандидатите за возачи и испитната комисија, од целокупниот процес на изведување на теоретскиот дел од возачкиот испит со можност за архивирање и документирање на снимениот материјал.

– Просторијата за изведување на теоретскиот дел од возачкиот испит (училницата) располага со просторна површина од најмалку 1,5 m2 по кандидат за возач, односно најмалку пет m2 за испитната комисија, опремена со една работна маса, една училишна табла и училишен прибор со можност за појаснување на начинот на спроведување на теоретскиот дел од возачкиот испит, со соодветно греење, вентилација, осветлување и санитарен чвор.

– Испитниот центар треба да поседува соодветна информатичка опрема и соодветни лиценцирани софтверски апликации што овозможуваат спроведување на возачкиот испит, како и пристап за користење на апликација за спроведување на електронско полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит и интернет конекција во седиштето на испитниот центар и во подружниците од најмалку 4 mb/s наменет исклучиво за електронско полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит.

II. Минималниот број на испитни комисии за подрачјето на испитниот центар во Скопје, со испитно место во Скопје, пријавни места во општина Центар, Карпош, Чаир, Аеродром и Гази Баба, изнесува најмалку седум испитни комисии.

Минималниот број на испитни комисии за подрачјето на испитниот центар во Струмица, со испитно место во Струмица, подружници и испитно место во Радовиш, Гевгелија и Валандово, пријавни места во Струмица, Радовиш, Гевгелија и Валандово, изнесува најмалку три испитни комисии.

III. Учесниците на јавниот конкурс треба да достават барање и документи за исполнетоста на условите за вршење на работите на испитен центар согласно закон, во рок од 25 дена од денот на објавување на јавниот конкурс, до Министерството за внатрешни работи, ул. „Димче Мирчев“ бр. 9, 1000 Скопје.

IV. Изборот на правни лица кои ќе добијат лиценца за испитен центар Скопје и Струмица ќе се изврши од пријавените учесници на јавниот конкурс кои ги исполнуваат условите од делот I на овој јавен конкурс, од страна на Комисија на Министерството за внатрешни работи формирана согласно член 50 став (2) од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално – техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар.

V. Во рок од 15 дена од спроведување на изборот на правното лице, Министерството за внатрешни работи ќе ги овласти испитните центри Скопје и Струмица, согласно организацијата на соодветните организациски единици – Сектори за внатрешни работи на Министерството и тоа испитен центар со седиште во Скопје и Струмица.



Слични Објави