Кампања „МВР за граѓаните“ – Партнерството меѓу полицијата и заедницата носи зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење
Денеска Министерството за внатрешни работи преку претставници од секторите за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат продолжи со активностите од кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“. Примарна цел на кампањата е доближување до граѓаните на суштината, вредностите и карактеристиките на концептот – полициско работење со заедницата. Важноста на градењето партнерство помеѓу полицијата и граѓаните, како и механизмите за контрола врз полицијата што придонесуваат за зголемување на нејзиниот кредибилитет и интегритет беа дел од темите на кои граѓаните имаа можност низ непосредни средби да поразговараат со полициските службеници во скопската општина Ѓорче Петров, Куманово, Дебар, Ресен, Гостивар, Велес, Гевгелија и Берово.
Полициските службеници во разговорите со жителите на овие градови, ја потенцираа улогата на полицијата во државата и во заедницата како институција задолжена за безбедноста на граѓаните и општеството. Самите граѓани низ разговорите истакнуваа дека тие најдобро ги знаат предизвиците со кои се соочуваат во заедницата во која живеат и се свесни дека полицијата секогаш е првиот пријател во неволја.
Покрај гарантирање на редот, мирот, безбедноста и владеењето на законите, полицијата работи на сузбивање на криминалот и води бескомпромисна борба со сите криминогени појави во општеството, па акцентот на средбите беше ставен и на превентивните мерки за зголемување на сигурноста на граѓаните, како и на почитувањето на основните права и слободи за граѓаните и обезбедувањето граѓански услуги.
Главната порака на кампањата која се случуваше последните четири викенди и која и денес ја потврдија заедно граѓаните и полициските службеници е дека полициското работење во заедницата значи градење на партнерство кое се базира на доверба меѓу полицијата и граѓаните, а планската соработка придонесува за спречување на криминалот со краен резултат зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење.
Инаку, за потсетување, досегашните реформи и вложување во полицијата од актуелното раководство се наградени со висока доверба од страна на граѓаните, значително зголемена во последниве неколку години, а според нивните оценки полицијата стана една од трите најтранспарентни институции во државата. Така, активната транспарентност на МВР од просечни 59.5% во 2016, во 2022 достигна високи 91.7%, што претставува скок за 32.2%, поминувајќи три нивоа, од крајно затворена институција до многу добра активна транспарентност.
Кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“ започна пред три седмици во осум градови на Секторите за внатрешни работи и за четири викенди беше во поголемиот дел од градовите на нашата држава.