| |

КАРАКАЧАНОВ ВО МАКЕДОНИЈА!!!

Македонија воопшто не се плаши од коронавирусот. Нашиот министер за здравство не убедува дека овде нема таков вирус, нема ни да дојде, а ако дојде, при рака ни е биохемиската лабораторија во Ниш, таму ќе сме ги извршеле првичните анализи. Никој не се ни интересира за председателските избори во САД. Трамп е поддржан од ботовите од велешката сајбер група, близок е со Путин, па така нам никој ништо не ни може. Не се тревожиме ниту за изборите на 12 април во земјата. Веќе и пилците пеат по дрвјата дека изборниот резултата ќе биде приближно еднаков и за двете големи македонски групации, па така среќно, сите три големи партиски групировки ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ќе си ги поделат местата во парламентот и по министерствата. Сите среќни и задоволни. Народот ќе се исколи меѓу себе.  Остануваат само неодговорените прашања, што ќе се прави со Преспанскиот договор и со Договорот за добрососедство со Бугарија.

Ех, Бугарија, тоа е веќе проблем, а најголемиот проблем е “архибугаринот“ Красимир Каракачанов, човекот за кого Македонците мислат дека во некаква, не дај боже “критична“ ситуација, ќе биде бугарскиот “губернатор“ на Македонија. Веќе пет-шест дена неговото име не се симнува од контактните утрински програми на најгледаните телевизии, а навечер се промовираат “дебати“ за неговата “ролја во демакедонизирањето и бугаризирањето“ на македонскиот народ.

Тој, Каракачанов, е главната ѕвезда на македонските медии веќе со години и никој, ни Трамп, ни Макрон, ни Меркел, а бога ми ни Тито, не можат да му го одземат приматот. Тие се минливи, менливи и смртни, а тој е вечен и непроменлив, тој е неопходната претпоставка за проблематизирањето на нашето национално и јазично постоење. Граѓаните на (Северна) Македонија предлагаат различни методи за неговото елиминирање и “елиминирање“. Предлозите се чисто соцреалистички, од забрана за влегување во земјата, до “да го изеде темнината“, или да “оди две педи под земја“.

Реалноста е сосема поинаква, многу по пријатна. Битола, 1 февруари 2020 година. Пладне. Пријатен, сончев ден во градот. Каракачанов седнал во кафетерија на Широк сокак во Битола, во друштво со неколку прекрасни битолчанки, си разговараат и се смеат како да се најсреќните луѓе во Македонија и пошироко. Луѓето поминуваат, ги гледаат, некој ги поздравува и си заминува, некои само ги одминуваат. Никаде не може да се види никаков македонски полицаец или некакво обезбедување. Чиста демократија. Ги нема ни оние надуени и важни фаци од општопознатата УДБ-а, да гледаат, контролираат и прислушнуваат. Го прават тоа, ама прикриено. Една бабичка од Јени Маале во Битола, познато како “Мала Софија“, прашува дали Каракачанов е дојден сам, или по него иде војската. Знаела дека е министер на “војската или така некако“. Не знаат што да и одговорат, не знаат каков одговор сака, таа сепак е од “Јени Маале“. Сака да се поздрави со Краси, но двајцата внуци брзо пристигаат, ја земаат нежно под рака и ја оддалечуваат, “да не пречела“…не пречи ништо, и велат.

Потоа тргнува Каракачанов на чело со свитата и целото семејство Црномарови кон културниот центар. Тука треба да биде претставена неговата книга за Тодор Александров и уште некои творби. Седнат на чело на масата, скромно се држи и поклонува пред присутната публика, а телевизиите снимаат ли снимаат. Во салата има повеќе од стотина души, некои стојат, мала е салата и нема место за сите. Сите присутни, буквално од првиот до последниот се членови и гласачи на ВМРО ДПМНЕ, а здружението кое го промовира делото на Краси го носи симболичното име “Иван Михајлов“, исто така е предводено и оглавено од вечни членови ВМРО ДПМНЕ.

Каракачанов говори, а сите го слушаат во целосна тишина, како да е првиот “од нашите“ кој нешто проговорил. Кажува чуени и познати работи, но кога “губернаторот“ говори, тоа за македонците има поголема тежина од се што ќе кажат нашите политичари. Тоа важи и за оние кои се слагаат со него, но и за оние кои го негираат. Такви сме ние, македонците. Потоа говори пред телевизиите и повторно ги слушаме познатите тези за патот на Македонија кон ЕУ. Владее со медиумите како да се негови, нема никакви прашања од новинарите или од присутните.

Потоа “губернаторот“ си заминува, сите го поздравуваат и му мафтаат со пријателската порака “дојди ни пак“. Го сакаат и едните и другите, првите затоа што навистина се сложуваат со неговите ставови, а оние другите сакаат да бидат љубезни “за секој случај“. Човек не знае што се може да се случи овде на Балканот, па подобро е да се има пријател или познаник како Каракачанов.

За волја на вистината треба да се каже дека само еден единствен глас, на накаков битолски “музикант“ му се спротистави со познатите тези за “бугарите фашисти“ и дека Гоце се борел за Македонија а не за фашистичка Бугарија. Присутните го замолчуваат несреќниот демонстратор, а Каракачанов во империски стил го брани и коментира дека “сите имаат право на демократија“. Некој тивко му предложи на Каракачанов, следниот пат да му постави прашање на музичарот за разликите меѓу нежниот сентиментализам на музиката на Чајковски со тешкиот и брутален стил на Бетовен. Веројатно дека ќе се развие солидна дискусија која ќе биде пренесувана на ТВ. Цела Македонија ќе гледа и ќе си дава мислење за дискутантите.

Господе Боже, каде е полицијата, каде е УДБ-а, цел ден не ги видов…а Каракачанов дошол “без војската“…

Автор: Владимир Перев, новинар

Слични Објави