КАВКАЗКАТА „ФАБРИКА“ ЗА ТЕРОРИСТИ НА ИСИС
Нападот во Париз што се случи вчера е извршен од млад Чеченец, припадник на ИСИС. Напаѓачот кој беше убиен од полицијата пред 8 години добил француско државјанство. Ова не е прв пат Чеченија да влезе во црната хроника на светскиот тероризам. Уште од 90-тите години на минатиот век кавказката држава станува „скривница“ за исламисти и џихадисти. Чеченија е дел од Руската федерација, а порано и од СССР. Таа се наоѓа под контролата на руската држава уште од XVI век. Во последните неколку години земјата е раководена од Рамзан Кадиров и ужива одредена автономија во однос на Москва.
Токму Рамзан Кадиров ја обвини Франција дека таа го радикализирала Хамзат Азимов, 21 годишниот извршител на синоќешниот напад.
„Целата одговорност за тоа што Хамзат Азимов го избрал патот на криминалот, треба да ја сносат властите во Франција. Азимов е роден во Чеченија, но израснал и ги изградил своите убедувања како дел од француското општество“, изјави Кадиров.
Современиот лик на Чеченија ги носи длабоките лузни на двете војни од 90-тите години на минатиот век. По вооружените конфликти во овој реон почна да се развива радикален исламизам инспириран од вехабиски и салафиски движења, кои се наоѓаат во конфликт со умерениот ислам на постарите Чеченци. Џихадизмот наоѓа плодна почва во целиот кавказки регион. Русија се наоѓа меѓу најголемите „извезувачи“ на странски борци во редовите на ИСИС. Во редовите на терористичката организација има 3400 руски државјани, од кои повеќето се Чеченци. Според оваа бројка Руската федерација се наоѓа пред земји како Саудиска Арабија, Јорданија и Тунис. „Министер за одбрана“ на ИСИС до 2016 г. беше Таркан Батирашвили- Омар Чеченецот, инаку државјанин на Грузија со чеченско потекло.
Во моментот Рамзан Кадиров има важна улога во војната во Сирија. Неговите милиции го поддржуваат режимот на Башар Асад заедно со руската армија. Чеченскиот претседател во моментот се обидува да стане медијатор меѓу сунитскитските држави во регионот. Тој веќе донираше 14 милиони долари за повторната изградба на една од најпознатите џамии во Алепо. Активностите на Кадиров се дел од тактиката на Владимир Путин за наметнување на „нежната сила“ на Москва во регионот, но цената за тоа е покачувањето на нивото на радикалниот исламизам во Кавказ.