КАЗНИ ЗА НЕСОВЕСНО ПАРКИРАНИТЕ ВОЗАЧИ

Вести Истакнато Македонија

Одделението за комунална инспекција и инспекција на животната срединана Општина Битола, во согласност со Законот за јавна чистота и Законот за комунални дејности, по дојава на граѓаните во повеќе наврати реагирала на терен со соодветни законски санкции против лицата кои непрописно паркираат на тревни места и тротоари. Ова особено се однесува на просторот кај Офицерскиот дом, кој несовесните возачи го користат како паркинг простор.

Во изминатите два месеци, на терен комуналните инспектори постапиле во 95 случаи, во кои затекнале несоодветно паркирани возила, со најголем акцент на возилата паркирани во тревните и тротоарските површини на Офицерскиот дом. Соодветната изречена мандатна казна за овој прекршок е 50 евра во денарска противвредност, според чл.43 од Законот за комунални дејности.

Општина Битола упатува апел до граѓаните да не паркираат на несоодветни места, особено на просторот кај Офицерскиот дом, бидејќи покрај нарушувањето на безбедноста на граѓаните и пешаците, се загрозува и животната средина, во време на активна кампања и залагање за почист животен простор.