|

Кисела Вода со мерки за сузбивање на булингот

Кисела Вода е првата општина што ќе понуди системско решение за справување со булингот. На денешната одржана седница на локалниот совет за превенција градоначалникот Ѓорѓиевски ја промовира првата од сетот мерки, која од денес им стои на располагање на жртвите од врсничко насилство или на нивните блиски. Имено, од денес функционира телефонската линија 078/358 639, каде што тие може да добијат поддршка од тим од психолози од невладиниот сектор, кои потоа, во координација со општинските служби, ќе дејствуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава. Тоа се спроведува заедно со младинскиот центар „Крик“, чиј претседател Мила Ангелевска-Кардафова е еден од психолозите што ќе овозможи бесплатна помош и поддршка.

„Справувањето со булингот бара сеопфатен пристап, кој ги вклучува семејството, врсниците, но и институциите. Многу често тој не се препознава, се игнорира, а за жал, понекогаш и се минимизира оневозможувајќи на тој начин жртвата да добие помош. Како локална самоуправа, свесни сме дека сме важен дел во изнаоѓање на решението бидејќи превенцијата е првата станица. Училиштата што се во наша надлежност се места каде што најчесто се случува агресивното однесување, а тоа не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот преку интернет-мрежите. Потребна е едукација. И за децата, без разлика дали се жртви или се сведоци на булинг, и за наставниците и директорите во училиштата и градинките, кои не смее да бидат само неми набљудувачи. Решението има адреса. Но, некој треба проблемот да го пријави, треба да реагира и да ја заштити жртвата. Во изминатиот период во основните училишта во општина Кисела Вода поставивме кутии за анонимни пријави за меѓуврсничко насилство. Воедно, во насока на создавање систем што го спречува психолошкото насилство сакам да го промовирам новитетот што го спроведуваме заедно со здружението на граѓани „Крик“. Од денес жртвата на насилство или личноста блиска до неа може да се јави на телефонскиот број 078/358 639 и да го пријави проблемот, каде што психолози ангажирани од невладиниот сектор, во координација со општинските служби, ќе дејствуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава. На овој начин ќе може да се надминат стравот и срамот за проблемот да се пријави, како и да се изнајде начин што побезболно тој да се реши“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

На настанот учество зедоа и претставници од Основно јавно обвинителство Скопје, ПСОН Кисела Вода и ПСОН Драчево, од Одделението за превенција при СВР Скопје, од Министерството за труд и социјална политика, од Основниот суд во Скопје, претставници на советите на родители од основните и средните училишта, директори на училиштата и градинките, како и многу ученици.

Слични Објави