ЌЕ СЕ ОСВЕСТАТ ЛИ ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ ПО СИЛНИТЕ ШЛАКАНИЦИ ВИКЕНДОВ?

После поразите пред три дена, двата кандидати за шампионскиот трофеј, Вардар и Шкендија денеска (14 часот) како домаќини ќе се обидат да се вратат на победничкиот колосек во мечеви повторно со екипи од дното, кои како и тие викендов, не се воопшто наивни. Вардар ја дочекува грогираната Струга Трим Лум, додека Шкендија е домаќин на Работнички во реприза од четвртфиналето во Купот на Македонија.

Актуелниот лидер Вардар се сопна во Тетово кај Ренова со поразот со 0-2, но посебно загрижувачки е настапот со многу лоша игра, без оглед на поседот на топка. Сега на црвено-црните им доаѓа Струга, која остана без тренерот Јетон Беќири, но се наоѓа во кризен период поради кој стружани заглавија на самото дно, иако обезбедија полуфинале во Купот. Тоа што треба да ги предупреди вардарци секако е дека лани резултатски го здробија дебитантот во Првата лига дома (3-0), ама фудбалски не одиграа скоро ништо (посебно во првото полувреме) и само малиот пад на цврстиот противник во 10 минути им донесе победа. Плус што Вардар својот единствен пораз есеноска го доживеа баш од овој противник, иако имаше доста контроверзи и поплаки за судењето на главниот арбитар на тој меч.

Шкендија, која, се избламира во Велес веќе 15 меча во низа не загубила од Работнички, па ома секако е фаворит против дебармаалци, кои за разлика од есеноска сега личат на тим со капацитет да се избори и за Европа, а не да се бори за опстанок. Трите победи во четири меча, без пораз и ремито 2-2 во Купот се сериозно предупредување на тетовци дека пристап како против Борец може скапо да ги чини во пресметката со „романтичарите“, кои пролетва засега се единствени кои немаат загубено.

Ако сака Шкендија да остане во трка со Вардар ќе мора да ги користи своите шанси, а подарокот од Ренова, успеа да го прокоцка и сега повторно притисокот е врз тетовци зашто нов нивен кикс може да биде два чекори назад ако Вардар победи во својот меч.

Дербито на колото се игра на Чаир, каде Шкупи ќе ја испитува „европската зрелост“ на Силекс, кој продолжѕва да импресионира, па сега е бодовно израмнет со Шкендија. Чаирчани после смената на клупата добро им дојде победата во Струга, па мотивацијата и самодовербата се вратија во нивната трка за место во Европа, а бодови со кратовци и тоа како им се потребни за уште поблизу да дојдат до врвот.

Академија Пандев ќе бара излез од сериозната резултатска криза дома против Ренова, зашто струмичани повеќе од четири ипол месеци не знаат за триумф во елитното друштво, додека Македонија ЃП го чека последниот Борец во пресметката во ова вонредно коло, во кое „лавовите“ сакаат бодови за европа, а велешани – за опстанок.

ПРВА ЛИГА, 23-ТО КОЛО (14 ЧАСОТ)

АРЕНА: Вардар – Струга Трим Лум (Крумислав Ѓорѓев)

ТЕТОВО: Шкендија – Работнички (Васко Мавров)

ЧАИР: Шкупи – Силекс (Димитар Мечкаровски)

СТРУМИЦА: Академија Пандев – Ренова (Марјан Ецкоски)

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Македонија ЃП – Борец (Александар Грујоски)

ТАБЕЛА: Вардар 43 бода, Шкендија 35, Силекс 35, Македонија ЃП 29, А. Пандев 28, Шкупи 28, Ренова 28, Струга ТЛ 25, Работнички 25, Борец 24.

Извор: Спорт1

Слични Објави