|

„КОГА ДВАЈЦА СЕ КАРААТ, ТРЕТИОТ КОРИСТИ“

(Реакција кон интервјуто на Ким Мехмети)

За Бугарската новинска агенција „BGNES“ во петокот (18.12.2020) излезе интервју со Ким Мехмети. Со оглед на тоа што со ова интервју, насловено како „Македонија е ‘политичка филијала’ на Србија“, е нанесена неправда кон македонскиот идентитет и кон МПЦ-ОА, но и кон бисерот на мијачкиот крај – Бигорскиот Манастир (кој е, секако посветен на Свети Јован, а не на Свети Јоаким како што пишува зналецот Мехмети), почувствував потреба да дадам и јас мое мислење. Го замолувам за разбирање господинот К. Мехмети ако не ја разбрав неговата фантазија. Од друга страна, го разбирам за историските фалсификати и измислици, ако истите му послужиле како инспирација за неговата идна книга. Тажно е да се нарекуваш писател, ако ја немаш таа негова прониклива мечта.

Имено, Ким Мехмети во средината на своето интервју, на новинарското прашање „Зошто кај албанското население во СРМ е распространета лагата за бугарските злосторства за време на Втората светска воја и по неа?“, потпирајќи се на раскази од неговите предци, „симпатично“, како голем писател, Мехмети заклучува дека „многу жители од населените места околу Скопје, кои во тоа време се нарекувале Бугари, се облекувале во униформи на бугарската армија и заминувале да ‘тепаат шиптари’. Така, уште оттогаш, како што вели Мехмети, многу Македонци или Срби, маскирани како Бугари, ги тормозеле и убивале Албанците, можеби само затоа да ги разделат двата народи – бугарскиот и албанскиот“. Провокативно и интересно, авторот во духот на пријателството со македонскиот народ, со кого живее во оваа иста држава и го јаде истиот леб, благо речено ја реобмислува и преработува македонската историја, чиниш, за пиеса ќе ја поставува во Македонски народен театар. Љубопитно сум заинтересиран од каде му се тие податоци, па да ги прочитам, та и мене да ме просветлат, а неговиот метод да го применам, не за да фалсификувам историја, ами да фалсификувам некое евро?

Освен со горенаведениот заклучок, „достоен“ за повеќедневна анализа, интервјуто изобилува со чудни реалности и квази истории кои како креација добро би му послужиле и на Хорхе Луис Борхес. После и за време на Втората светска војна, според вдахновениот писател Мехмети, „стотици илјади православни Албанци во Македонија биле помакедончени“. Веројатно мисли на етничката македонска заедница со егзоним „Шкрети“, кои живееле на територијата на денешна Албанија и кои за време на беснеењето на албанските аги во време на Османската империја, како и за време на Втората светска војна, од страна на фашистичките арнаутски и качачки банди, биле протерувани од родните огништа или насилно асимилирани. Етимологијата на егзонимот „Шкрет“ потекнува од гегискиот збор „Шкја (shqa)“, којшто означува Словен. Шкретите биле билингвисти, покрај македонскиот, многу добро го знаеле и албанскиот јазик, впрочем дел од нив таму и живееле. Самите Албанци (Геги) ги нарекувале етничките Македонци кои го примиле албанскиот јазик „Шкја“ или „Скја“ т.е Словени, за да се разликуваат од етничките Албанци. Шкрети немало само во Горна Река (Радика), туку и во Голо Брдо (денес Албанија), Коњух (денешен Елбасан), Горица (Корча), Подградец, Девол итн. Кај овие луѓе постои едно широко раширено предание дека кога во целиот Рекански крај надвладеале насилства и злосторства, едни за да се избават од тие неволји се согласиле да ја променат верата – денешните македонски муслимани со егзоним Торбеши, додека Шкретите го прифатиле албанскиот јазикот (можеби тоа го збунило Мехмети, па грешно заклучил дека тоа се православни Албанци). Дека ова предание може да има извесно голема веродостојност потврдуваат поголем број историски факти, податоци и споменици. Имено, најголемиот дел, тукуречи сите топоними на селата и местата во кои живееле овие луѓе се со словенски корен. Потоа, токму овој предел, почнувајќи од 17 век бил портата преку која навлегувале качачките пљачкашки банди, а подоцна и се населувале Албанците во Македонија. Во условите на несигурност на Отоманското Царство, овие предели биле владеени и управувани од паши кои биле Албанци. Во тој поглед не треба да зачудува фактот дека албанскиот јазик се ширел врз оние луѓе кои биле непосредно изложени на контакти со албанските банди или заштитници-сејмени, за разлика од оние кои станале муслимани и во услови на една верски организирана држава уживале одредена безбедност и сигурност и биле оставани на мир. Дека албанскиот јазик се ширел и прифаќал од христијанско македонско население и надвор од Горна Река, сведочат записите на бугарскиот етнограф и статистичар Васил К’нчов и рускиот јазичар Атанасиј Селишчев, кои сведочат дека и жителите на селата во Мавровското Поле биле двојазични, односно покрај македонскиот го зборувале и владееле и албанскиот јазик, исто како и селото Горно Јеловце и неколку други во Полог. Оваа појава била позната и во други краишта, за што сведочат записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров, за скопското село Љуботен во кое помалубројните христијани го примиле албанскиот јазик. Но, и да не навлегуваме длабоко во историјата, потомци на Шкретите живеат и денес во Македонија и надвор од неа, како декларирани етнички Македонци. Слободно некој може да ги праша за нивните предци, корените, имињата, топонимите, фолклорното и литературно наследство.

Понатаму, во продолжение на неговото интервју, Ким Мехмети во цутот на неговата фикс-идеја воскликнува: „Тогаш, после војната, од страна на Македонската православна црква, бил присвоен албанскиот манастир Св. Јован Бигорски, во кој, пред војната, црковните служби биле водени на албански јазик“. Небулозно, но „вистинито“!? Ама го разбирам човекот, просто му смета наследството и дејноста на Бигорски, и во минатото и сега. Бигорски и денес, во духот на Христовата љубов и гостопримство, навистина верно ја продолжува наследената традиција како светилиште и културно историски споменик за сите, без разлика на нивната етничка, верска, социјална, политичка или културолошка припадност. Впрочем, го разбирам тоа што нему му смета дека Бигорскиот манастир е најпосетуваната знаменитост во Западна Македонија, не само од домашни, туку и од странски посетители. Но, да не го обвинуваме човекот, оти, можеби, од неговата манипулација и конфликтност црпи инспирација за идните негови дела – производ само на неговата фантазија. Но, за негова несреќа, во Бигорски доаѓаат православни, римокатолици, протестанти, муслимани, будисти, хиндуисти, атеисти … од секаде во светот. Во Бигорски портите не биле затворени за никој, меѓутоа досега не сум чул дека некогаш службите биле на албански јазик!? Ниту, пак, можам да најдам некакви литерарни или археолошки извори дека некогаш, кога било пред Втората светска војна, службите, или што било друго, биле на албански јазик. Напротив, сите натписи на иконите, фреските, гробовите…, сите древни бигорски ракописи (чинам дека настариот ракопис е Евангелие од 14 век) од кои поголем дел се чуваат во Државниот архив и во Националната библиотека во Скопје, а дел во бигорската библиотека, сите старопечатени книги – сето тоа е напишано на словенски јазик. Па дури и во ерата на грчкото просветителство, кога во сите македонски градски цркви и во манастирите богослужбата и школството се одвивале на грчки јазик, во Бигорски се пеело и учело на словенски, а тоа со восхит го запишува и великиот Глигор Прличев во својата Автобиографија. Ги чекам, затоа, истите просветленија што ги преживеал, како што вели Ким Мехмети, за и јас да се просветлам со вистината. Понатаму, за отворената соработка и пријателскиот дух кој владее во Бигорски, сведочат и бројните пријателства на монасите со Македонците муслимани, но и со Албанците мухамеданци. Исто така, во рамките на нивните можности, монашкото братство никогаш не откажало помош кон некого што побарал од нив. Во контекст на ова, само ќе додадам дека монасите со најискрена љубов и внимание им помогнале и на неколкумина Албанци муслимани да се спасат од игото на наркоманијата, без никаков надомест за возврат.

Како подлога, за понатамошна имагинација на господинот Ким Мехмети, ќе наведам само уште два факти поврзани со словенскиот идентитет на манастирот: првиот ктитор Св. Јован Дебранин, Архиепископот Охридски, и последниот игумен за време и по ВСВ отец Спиридон (+1948). После повеќедецениското замирање на монаштвото во Македонија, повторната обнова на монашкиот живот се случила во 1995 год. кога во Бигорското светилиште бил замонашен денешниот Епископ Антаниски г. Партениј, родум од Битола. Првиот ктитор и основач на манастирот во 1020 год. бил Архиепископот Охридски Св. Јован Дебранин, словен со потекло од дебарскиот крај. Неговиот светителски култ, уште од XII век се наоѓа редум со уште неколку големи јужнословенски светии и претстојатели на катедри во словенските земји, вклучително и солунската (Светите Константин – Кирил, Методиј, Климент и Наум Охридски и др.), изобразен на фрескопис во Кириловската црква во Киев. Имено, во северната апсида, кај жртвеникот, Архиепископот Јован, кој е означен како „Јоан Македонски“, е насликан во редот на претстојателите, веднаш до Светиот Јосиф, Архиепископ Солунски. Последниот игумен за време и по војната бил игуменот Спиридон (се упокоил 1948), со фамилијарно презиме Димитриев(иќ), бил мијак – словен роден во Дебар во 1865 год., а замонашен е во Света Гора. За собрат во манастирот доаѓа во 1901 година. Истата, 1901 година, е ракоположен за јеромонах од егзархискиот Владика Козма Пречистански. Тој е игумен сѐ до неговата смрт во 1948 година, што, во никој случај, не се поклопува со тврдењето дека Бигорскиот манастир бил албански манастир. Да не изоставам дека во периодот непосредно пред ВСВ, настојател на манастирот бил свештеникот Атанасије Николиќ од с. Битуше, попознат како поп Ташко. И игуменот Спиридон и поп Ташко до денес имаат свои директни потомци (декларирани етнички Македонци), а зад себе оставиле и не мал архивски материјал од писма, записи и други документи, коишто можат да се најдат во Државниот архив на Македонија и може секој да ги прочита.

Бигорскиот манастир, кој оваа година слави 1000 години од неговото основање, одиграл голема и значајна улога за Православието на овие простори и пошироко, за што секако голем придонес имале неговите игумени. Домородните бигорски игумени биле многу повеќе од духовни водичи, тие биле закрилници на христијанскиот народ, силни поборници за запазување на словенскиот дух и култура, способни ктитори и просветители, градители коишто манастирот го издигнале и на духовен и на материјален план и го зголемиле неговиот авторитет и надвор од границите на нашата земја.

За да го повратам малку господинот Мехмети во реалноста ќе му спомнам малку и за славните Мијаци, тесно поврзани со Бигорски: Архимандрит Анатолиј од Лазарополе, Митрополитот Партениј од Галичник, Ѓоргија Пулевски од Галичник, Ѓурчин Кокале од Лазарополе и редица други, кои пожртвувано се бореле словенскиот говор да биде воведен во црковните богослужби, во народните школи, во писменоста. Блажениот Архимандрит Анатолиј Зографски (замонашен во Бигорски) го направил првиот обид за отворање на словенска печатница; Великиот Партениј Зографски (школуван и израснат во Бигорски) напишал Свештена историја на мијачки говор, го превел житието на Св. Климент на народен јазик, со мијачки дијалект, составил славјано-бугарска граматика, во којашто исто така го истакнува мијачкиот дијалект итн. А, да не ја заборавиме и мијачката енклава – Смилево, со жители Мијаци. По некоја случајност и за несреќа на Мехмети, и актуелниот игумен, а воедно и возобновител на Бигорски и нов ктитор, Епископ Антаниски г. Партениј е по потекло Мијак од Смилево. Не би сакал непотребно да должам и понатаму со истакнати Мијаци од поново време, сепак имам осет кон заблудата на Ким Мехмети – писателот ако целосно „излезе“ од сонот, ќе нема за што да сонува.

Со должна почит кон него, имам длабоко разбирање за тоа што му пречи Бигорскиот манастир кој е чувар на македонскиот народ, јазик и идентитет. Илјада години, се илјада години! Стварно е за признание, но разбирам кога некого тоа го боли, оти вредно е за фрустрации. Знаете што значи да ви пречи 1000-годишен јубилеј? Можеби стотици непроспиени писателски ноќи. Жално! Притоа, тука сакам да нагласам дека немам воопшто никакво непријателство кон моите македонски сограѓани со албанска етничка припадност. Напротив, имам позитивни чувства, бидејќи делиме исто парче земја и заедничка иднина, а од моите пријателства со нив научив дека сме заеднички сострадалници поради нерешените егзистенцијални услови за живот во нашата заедничка држава. Меѓутоа, имам против, и тоа многу, кон оние што се прикажуваат за народни водачи и интелектуалци (без разлика на етничката или верската припадност), а се служат со дрски лаги и безобразност, заблудувајќи така толпи народ.

И, како голем амбасадор на државата во која и двајцата живееме, господине Мехмети, во момент кога од сите страни гледаме заострена реторика, а на Македонија и треба меѓународна поддршка, веројатно поведен од народната изрека: „кога двајца се караат, третиот користи“ – пробувате лукаво да ја подметнете вашата „брилијантна“ идеја. Лешинарски пристап, ама легитимен. Накрај, не ми е мака што ја лажете целата поширока јавност и што пеете серенади под туѓи балкони, туку што си мислите дека народот ви верува.

Но не е во прашање само народот. Погледнете со чиста совест во историјата, којашто фактографски се покажува сосема спротивна на вашите национал-романтичарски занеси, што современите интелектуалци и просветлени луѓе ги оставиле во 18 и 19 век. Ако сте толку објективен и „непристрасен“, зошто не кажете за егзодусот на македонското православно население за време на италијанско-балистичката фашистичка окупација на Западна Македонија? За насилното протерување на голем број галичани, лазарополци, гарчани, дебрани, кичевчани… од кои повеќето никогаш не се вратиле на родното место? За целосното спалување и бришење од лицето на Земјата на повеќе села, од кои некои со шкретско население (за кои тврдите дека се Албанци), како, на пример, гостиварско Симница? За неколкуте арнаутски напади на Бигорски, запишани во хрониките на манастирот? Но, очигледно, патејќи од психолошкиот комплекс за искрено соочување со себеси, Вие си правите некоја своја „историја“ со методот на инверзија. Сепак, тоа не е (или, барем, не треба да биде) одлика на еден прогресивен интелектуалец, за каков што се претставувате Вие. Бидете доследен на Вашиот призив и носете дух на помирување, залекување на раните и космополитизам, а не на раздори и подгревање на омраза. Само така ќе оставите достоен белег и во народот и во историјата. Истово важи и за нашите и за нивните и за третите и за сите луѓе што сакаат да остават добар образ.

Ми се смачи веќе и мене, а чинам и на цивилизираниот свет, од тесноградите балкански национализми, посесивност и лаги. Што и да било во минатото – треба отворено да се признае. Каков идентитет и да сме изградиле во сегашноста – треба да се почитува. Зборувам за сите, не само за Мехмети. Толку.

Пишува: Влатко Деловски, дипломиран етнолог и магистер по културолошки науки

Извор: Религија



Слични Објави