Колку вреди амбасадорското место?

//

Facebook статус на Никица Корубин

Уникатната ситуација која, по се’ изгледа ја имаме, а тоа е тројца последователни претседатели на политичка партија да бидат истовремено испратени на амбасадорски места во три држави, освен што говори за конкретната партија, говори и за ултимативното разбирање на политиката од страна на “врвот” на партијата; но говори и за разбирањето на државата како “извор на позиции”, а не како служба на истата. Иако, формално служба секако ќе има, со тоа што таа служба ќе дојде со висока цена. И за двете страни во релацијата, но едната страна ќе наплати, а другата страна ќе плати. Во името на сите нас.

Што плаќа е прашање над сите прашања. Кога имаме ситуација, претседателите на политичка партија, да ја завршуваат или продолжуваат својата политичка кариера, која притоа немала никаква врска со дипломатијата, со амбасадорско место е доказ par excellence за иманентната лукративност и на позицијата и на партијата, но и на “искористувањето” на позицијата во партијата како carte blanche во државата. Со други зборови искористување на државата.

Кога сето тоа ќе биде зачинето со комични ситуации, на отворено противење за членство во ЕУ или отсуство на било каков став, по било кое прашање, добиваме политикантска дипломатија. Се разбира, не е оваа “либерализација” на нашата дипломатија најиндикативна во однос на сломот на професионалната дипломатија, но е крајно илустративна, како три во едно: како се разбира партијата, како се разбира државата, и каде е личната позиција, во служба на личното или во служба на колективното?

Некако во сенка, на “одбраната на идентитетот” кој веќе достигна тоталитарни висини, останува новиот закон за надворешни работи, кој последен пат беше на дневен ред на интересот на “јавноста” кога се бараше заобиколен начин да се прескокне проблемот со двојното државјанство; па истовремено се изготвуваше нов закон за надворешни работи и измена на постоечкиот закон. Слично како сега со измените на законот за здруженија и фондации, при истовремена подготовка на нов.

Матрицата е таа, закон по потреба, во параванот “државата и нејзините институции” се крие брутална партиска, партократска, клановска и чисто интересно-лукративна битка. Битка за краткото време до завршувањето на скринингот и отпочнувањето на вистинските реформи. Во тој тесен процеп, треба многу нешта да поминат. Ќе видиме кој и што ќе успее и со какви последици, по институционалноста и функционалноста на државата.

Во тој нов предлог закон, освен што се трга надлежноста на законодавната власт, која гледаме како се употребува или злоупотребува по потреба на партократијата; се поставија меѓу другото и 75% кариерни дипломати кои може да ја обавуваат амбасадорската функција. Значи, остануваат 25% “воља на партијата”. Ако, овој заборавен закон беше на сила, колку во тие 25% ќе можеа да се протнат? Од овие тројца, но и од неодамна испратените или некои следни што чекаат. Да немаме дилема, дека и овој закон ги земал во предвид сите “бројки на теренот” и “потреби на коалиционите партнери”. Државата, тоа сум јас, партијата.

На крајот, да се вратиме на прашањето: колку вреди амбасадорското место? Би рекла, како и секоја друга позиција во државата: од службеник, преку директор, до советник, градоначалник, министер или пратеник; се’ е партиски пазар. Па, така и амбасадорското место. И токму тоа е најголемата трагедија и проблем за функционалноста на државата и она што го нарекуваме “професионализација на институциите”. Невозможен подвиг, со вакво лаичко, површно, лукративно, отуѓено и партократско постапување.

Листата е долга, на достапни места, но контролата е единствена. А, патот до неа и цената, ја знаат малкумина. И на крајот се сведува на малкумината кои ја имаат “честа и привилегијата” државата константно да ја држат како плен. Затоа кај нас “власта се освојува”, а не се превзема. А, освоениот плен се дели: некому трошки, некому позиција. Се’ по заслуга. Уште да ја дознаевме заслугата. Или услугата, сеедно.





Претходна статија

(Видео) Илиев: Повеќе од 30 години по распадот на Југославија, РСМ останува во канџите на антибугаризмот

Следна статија

Јотова: Се сеќаваме на сите бугарски војници и повикуваме никогаш повеќе да нема војни

Најново од Ваш став

Денот на булките

Facebook статус на Никица Корубин Деновиве во Велика Британија се сеќаваат на жртвите од Првата светска

(Не)промислена забрана

Fb статус на Никица Корубин “Забрана” е најспоменуваниот збор деновиве. И сите модалитети на истата. Организирано