КОРОНА-ЦИРКУЗИ: УЕФА БЕГА ОД ОДГОВОРНОСТ, ФИФА НАЈАВУВА – ЌЕ ИМА ОДЛОЖУВАЊА?!

/

Ќе има ли фудбал месецов на мешународен план или ќе нема, засега никој не знае, ама двете фудбалски централи УЕФА и ФИФА со два различни ставови, само најавуваат дека воопшто не знаат што да прават во случајот со заканите за коронавирус, кој според СЗО се проширил во 75 земји во светот, а во некои има вистинска епидемија (Кина каде избувна, Јужна Кореја, Италија)…

Европската фудбалска унија утрово од 9 часот ќе го одржи Конгресот во Амстердам, а вчера на Извршен комитет само две минути расправале за заканите од коронавирус. Дали имаат план Б во Нион, засега не истакнуваат, но веројатно повеќе детали ќе има на пладне кога Александар Чеферин, првиот човек од Нион на пресконференција ќе излезе пред новинарите после состанокот на највисокото тело.

Ако се суди според Извршниот комитет, УЕФА засега бега од одговорност за некакви одложувања, пред сè на мечеви во ЛШ и претстојните баражи за пласман на Евро 2020, меѓу кои е и историската пресметка на Македонија со Косово. Од УЕФА ја префрлија топката кај локалните власти и тие да решаваат за евентуални одложувања во зависност од развојот на ситуацијата со коронавирусот. Дали е сето ова избрзано или денеска ќе има поинаков став е фактот што „кризниот состанок“ што беше најавен за во Амстердам, информациите велеа дека Чеферин и УЕФА ќе донесат евентуална одлука откако ќе разговараат со сите 55 членки на УЕФА, а Извршниот комитет се одржа пред буквално сите да дојдат во Холандија.

„Ние сме во контакт со локалните власти и ќе постапиме како тие ќе ни кажат. Ние тука сме немоќни, во раце сме на тие стручњаци за вакви ситуации. Не разговаравме на оваа тема, зашто не можеме многу да направиме“, рекол портпаролот на УЕФА по состанокот на Извршниот комитет.

Но, за разлика од УЕФА, првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино за „Скај Спорт“ најавил дека постои голема веројатност дека некои репрезентативни мечеви ќе се одложуваат. Кои се тие засега не одговори, но на програмата се азиски квалификации, пријателски мечеви во Европа, баражи за Евро 2020…

„Нема паника и јас не сум загрижен, ама не ја исклучувам ситуацијата дека ќе има одложувања. Засега детално се испитува ситуацијата. Здравјето е побитно од спортот и од било што друго. Јас се надевам дека епидемијата нема да се шири“, вели Инфантино.

ЕУ веќе го крена степенот на ризик од умерено на високо од коронавирусот, а министрите за здравство во четврток најавија самит на кој ќе разговараат за епидемијата, која направи сериозни штети и на економијата, а во изминатите 24 часа, овој вирус се проширил и во други земји кои досега не беа зафатени, како Португалија, Чешка, Исланд, Андора, Ерменија (Европа), Сенегал, Тунис (Африка), Саудиска Арабија, Јордан, Индонезија (Азија). Во моментов во Азија најзагрозени се Кина каде е жариштето и Јужна Кореја каде брзо расте бројот на заболени, а Италија е најзагрозена во Европа со над 1.000 случаи, но зголемување на заразени има и во Франција, која веќе воведе мерки и откажа јавни собири, а големи музеи како Лувр превентивно се затворени.



Во целиот овој корона-циркуз во кој УЕФА засега „две минути“ разговарала, постојат низа проблеми, прво во клупските натпреварувања следната недела, па Јувентус и ПСЖ како домаќини се загрозени поради мерките за превенција и би морале да играт без гледачи, а некои медиуми најавуваат дури и настапи на неутрален ерен. Во случај на елиминација, двата клуба би можеле да бараат финансиска отштета од УЕФА. Втор проблем е тоа што Швајцарија веќе откажа и одложи сè на фудбалски план до 23 март, а низ Европа се повеќе се играат мечеви без гледачи.

Но тоа што УЕФА треба да го одговори, а пред сè за баражите, како ќе бара алтернативни решенија ако пола мечеви се играат, а пола не или што би се случило ако се одигра полуфинале, а потоа финалето биде одложено поради коронавирусот. Ако за баражите можеби и ќе се најдат алтернативни решенија, поголем проблем се мечевите во ЛШ и Лига Европа, зашто во згуснатиот календар, во кој и националните лиги како Серија А сега имаат се помалку термини, уште потешко е да се најдат нови решенија.

ФФМ вчера ја одложи продажбата на билети за мечот со Косово во исчекување на конечна одлука на УЕФА, на која од нашата „куќа на фудбалот“ се повикуваа, ама вака како што стојат работите, дали и како ќе се игра мечот (без или со гледачи) сепак ќе чекаат на Владата и одлуката на министерството за здравство.

Освен ако УЕФА денеска не реши нешто друго на Конгресот.

Извор: Спорт1

Претходна статија

СДСМ: ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ГИ ПОТВРДИ УСПЕШНИТЕ ЕВРОПСКИ ПОЛИТИКИ НА ЗОРАН ЗАЕВ

Следна статија

СО 5Г МРЕЖАТА ЛЕКАРИТЕ ВО КИНА МОЖАТ ОД ГОЛЕМА ДАЛЕЧИНА ДА ПОСТАВАТ ДИЈАГНОЗА

Најново од Вести