КОСОВО СЕ СПРЕМА ЗА ИНВАЗИЈА – „ТЕПАЧКА“ ЗА МЕСТА ВО КОНВОЈОТ ЗА СКОПЈЕ!

/

Нешто повеќе од еден месец до историската пресметка на Македонија и Косово во полуфиналето во плејофот во Лигата на нации за пласман на Евро 2020, кај северниот сосед веќе започна еуфоријата, откако навивачите „Дарданианс“ објавија како може да се стигне до место за гостувањето – цената е само 30 евра.

Иако засега официјално никој не објавува колку точно билети доби Косово за источната трибина, чиј капацитет е 5.000 гледачи, но страничните блокови ќе бидат празни поради безбедност и тампон зона, повеќе од извесно е дека во Скопје ќе дојде најмногубројна гостинска навивачка група и таа бројка ќе биде до 3.000. Меѓу овие навивачи веројатно резервации за билети ќе има и за навивачите на Шкендија, кои јавно објавија дека ќе го поддржат Косово. Косово се обврза сите што ќе имаат резервација, да дадат лични податоци и потоа да ги добијат билетите со кои ќе влезат на стадионот, како што за секој македонски навивач билетот ќе мора да го купи со приложување на лична карта.

Косовските навивачи веќе објавија дека во ек е резервација на место кое чини 30 евра и вклучува билет, „навивачка опрема“ и организиран превоз, а резервации има во секој поголем град на Косово, па организирано со конвој на автобуси на денот на мечот ќе тргне „инвазијата“ на Скопје.

„Не е далеку историскиот меч со Македонија. Нашето Косово на 26 март гостува кај јужниот сосед во полуфиналето за пласман на Евро 2020. Ние, Дарданианс, навивачите на Косово сме секогаш и секаде присутни за да бидеме поддршка за нашите момци, но овојпат ќе бидеме уште поголеми, споредено со другите гостувања. Ги покануваме сите навивачи за процедурите за билети, зашто на 26 март треба да бидеме 12-от играч за нашиот тим. Дарданските лавови не се предаваат никогаш, а лудото, но коректно навивање од Дарданианс нема да запре. Нашиот сон нема да запре во Скопје.

Одиме на гостување на денот на мечот, оргаизирано од цело Косово, со автобуси. До 28 февруари може да резервирате билет во својот град. Цената е 30 евра, ‘опрема’ (маичка, шал со наши симболи) и организиран превоз“, стои во објавата на навивачите на Косово.



Веќе е познато дека со косовските навивачи во договор со македонското МВР ќе дојдат и косовски полицајци за полесно и поголемо обезбедување на исклучително високоризичниот меч на Националната Арена. ФФМ веќе објави дека цената на влезниците за северната и јужната трибина се по цена од 300 и 400 денари, а западната ќе биде наменета за сите македонски навивачки групи, кои од неодамна се обединија и најавија заедничко кортео од плоштадот Македонија и заедничко навивање за црвено-жолтите за историски најважниот меч во историјата.

Победникот од овој дуел ќе му гостува на победникот од мечот Грузија – Белорусија во Тбилиси, меч кој ќе биде завршна битка за билетот за Евро 2020.

Извор: Спорт1

Претходна статија

АНДЕРФЕСТ ГИ НАЈАВИ МУЗИЧКИТЕ ИЗВЕДУВАЧИ ЗА ОВАА ГОДИНА

Следна статија

ДЕВЕТИОТ НАЈБОГАТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ СЕ ВКЛУЧУВА ВО ТРКАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САД

Најново од Вести