Ковачевски – Агелер: Проевропските политички субјекти мора да го препознаат својот дел од одговорноста за да се осигури европската иднина
Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со амбасадорката на САД во земјата, Анџела Агелер.
На состанокот беа разгледани претстојните активности што ги очекуваат двете земји во насока на зацврстување на партнерството и реализирање на заедничките приоритети, со акцент на неколку конкретни области.
Ковачевски и Агелер потенцираа дека стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и САД е во фаза на унапредување преку зајакнување на соработката во рамките на стратешкиот дијалог и дека оваа динамика е поврзана со прогресивните политички определби на државата.
Во тој контекст реафирмирана е силната поддршка од САД во процесот што треба да овозможи севкупен напредок на земјата, а особено на планот на евроинтеграциите за што заеднички беше оценето дека е неопходно да се одржи европскиот правец и дека претстојниот чекор во Собранието на Република Северна Македонија е од клучна важност за тоа.
Споделен е ставот дека проевропските политички субјекти мора да го препознаат својот дел од одговорноста во овој момент за да се осигури европската иднина на македонските граѓани.

