|

Кузеска: Кадри на Груевски и осомничени лица е понудата на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници

Лица обвинети за кривични дела и луѓе блиски на експремиерот Никола Груевски е понудата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за овие претстојни локални избори, истакна на прес-конференција, порпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа обвинува дека станува збор за луѓе кои не можат да понудат ништо освен деструкција и враќање на режимот, а Мицкоски лажно ги претставува како чесни и нови лица.

Еден од нив, како што рече Кузеска, е и актуелниот градоначалник и кандидат на Мицкоски за општина Петровец, против кого е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и за перење пари. Во медиумите се појавија и натписи за сомнителното минато и на кандидатот за градоначалник во Гази Баба, Бобан Стефковски, додава Кузеска.

„До денес, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не одговорија дали е точно дека Стефковски, во 2002 и 2003 во два наврати бил притворен поради неовластено производство на опојни дроги. Во јавноста постојат и документи дека кандидатката на општина Крушево, Билјана Проеска, е осудувана во 2015 година на условна казна затвор поради фалсификување исправа. И за ова, Мицкоски се уште молчи и нема одговор. Пресуда со условна казна има и кандидатот за градоначалник на Бутел, Дарко Костовски за учество во тепачка. Христијан Мицкоски и натаму молчи. Ете ја почитувани понудата на Мицкоски за овие избори. Тоа е понуда со која Мицкоски ги потценува граѓаните од кои треба да ја бара довербата“, рече Кузеска.

Како што додаде, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги очекува нов убедлив пораз на локалните избори, бидејќи граѓаните не сакаат и нема да дозволат нечесни и неодговорни кадри да ги водат општините.

Извор: temite.mk



Слични Објави