|

Лефков: Со потпис на Груби фирма на сопругата на Ковачевски купува државно земјиште за фотоволтаици за цена од 70 дена за квадратен метар

Додека Димитар Ковачевски е премиер, неговата сопруга добива државно земјиште со одлука на Владата по багателна цена, реагира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

Вели дека додека Ковачевски го брани Артан Груби за криминалниот надзор од 22 милиона евра, Груби потпишува одлука за продажба на земјиште за фотоволтаична централа на сопругата на Ковачевски за цена од 70 денари за квадратен метар .

„На 14 март, на седница на Владата, со која претседава Груби, е донесена одлука со која се задолжува Општина Радовиш да ѝ се продаде државно земјиште од 1.119 м2 на фирмата ‘Сол груп 5’ ДОО Скопје, каде што сопственик е сопругата на Ковачевски. Владата, во случајот Груби, прави непосредна спогодба со фирмата на сопругата на Ковачевски и врз основа на таа непосредна спогодба е донесена одлуката за продажба на 1.119 м2 државно земјиште за цена од 70 денари за квадратен метар. Фирмата на сопругата на Ковачевски ќе купи 1.119 квадратни метри земјиште за вкупно 1.273 евра“, вели Лефков.

Како што додаде, ова е последната сложувалка, која е потребна за фирмата на сопругата на Ковачевски да ја дооформи парцелата и да пристапи кон вадење дозволи од институциите за изградба на фотоволтаичната централа и тоа е направено со потпис на Груби.

Лефков рече дека ова е втор бизнис на семејството Ковачевски со фотоволтаици. Првиот е основан од Димитар Ковачевски преку фирмата „Пиксел груп“, која сега е во посед на неговиот кум Горан Паунов, фирма за производство на фотоволтаични панели, која својот бизнис забрзано го шири со доаѓањето на СДС на власт, кога е и формирана.

Ја повика антикорупциската да отвори случај и да ја испита одлуката потпишана од Груби со фирмата на сопругата на Ковачевски.



Слични Објави