ЛИЧНОСНО (ИНДИВИДУАЛНО) И ОПШТЕСТВЕНО (КОЛЕКТИВНО) ПРЕУМУВАЊЕ (ПОКАЈАНИЕ)

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин

Потсетувајќи се на тоа што говоревме во минатата статија, и откако веќе „Духовно се разбудивме“, треба да сме радосни, бидејќи веќе знаеме како можеме да се утврдуваме и усовршуваме во доброто до бесконечност. Секако патот по кој треба да чекориме, а за да се утврдуваме и усовршуваме во доброто, експлицитно го наоѓаме во Светото писмо на Стариот завет и Светото писмо на Новиот завет. Ете, таму најлесно и наједноставно можеме да ги најдеме Божјите заповеди. Но, за жал, нашата тага започнува таму каде што се појавуваат нашето паѓање во грев и утврдувањето во злото, во противприродните вредности и состојби, кои се најголем непријател на човекот. Тоа се случува кога ќе заборавиме на Божјите заповеди и кога ќе паднеме во грев. Но, никогаш не треба да очајуваме, бидејќи човекот не е ангел за да не згреши, но исто така не е ни демон за да не може да се покае.

Бог преку своите апостоли и пророци, во Светото писмо ни открил како после нашето паѓање во грев да се покаеме и да бидеме вистински чеда Божји. Па, затоа накратко да се навратиме на Светото писмо на Новиот завет, и тоа на Евангелието според апостол и евангелист Матеј, и многу јасно ќе го видиме начинот како и покрај нашето паѓање во грев, да бидеме вистински чеда Божји и да се искупиме од нашиот грев. Тоа го наоѓаме во стихот каде што се вели: Покајте се, зашто се приближи царството небесно (Мат. 3,2). Со овие зборови светиот Јован Крстител, проповедал за царството небесно и покајанието, за секогаш да бидеме спремни, бидејќи во секој момент може да дојде денот и часот на царството небесно.

Зборот покајание, доаѓа од грчкиот јазик, и означува преумување, односно менување на начинот на мислење, зборување, делување, односно живеење. Просто кажано, да престанеме, да мислиме, зборуваме, делуваме, живееме, како што сме правеле до сега, и од сега и во иднина, ќе правиме живееме поинаку со добромислие и добродетелност. Па, така, секој грев, сѐ што сме грешеле, да се трудиме да не го правиме повторно.


​За повикот од Бога, упатен до сите луѓе, за да бидеме чеда Божји, исто така да се потсетиме на уште едно место од Светото писмо на Новиот завет, и тоа на Светото Евангелие според светиот апостол и евангелист Матеј, каде што се вели: „Зашто мнозина е повикани, а малцина избрани“ (Мат. 22,14). Тука да бидеме претпазливи и да не мислиме погрешно дека некој има привилегија, и само малцина се избрани за спасението, и еве сега ќе видиме зашто е тоа токму така. Уште во тоа време кога било напишано ова евангелие, сите луѓе коишто живееле, биле повикани да бидат чеда Божји, и да ги исполнуваат заповедите Божји, директно од пророците, како сведоци на делата на нашиот Господ Исус Христос, апостолите, им било проповедано, прочитале или пак чуле за спасителното дело. Па, како тогаш, така и сега, до секој што стигнало Словото Божјо, е повикан на спасение. Но, од нас зависи дали ќе се свртиме кон Бога, ќе ги исполнуваме неговите заповеди, и ќе одбереме на тој начин да бидеме избрани за членови на царството небесно. Сега знаеме и на нас останува, како да се свртиме кон Бога или како да го отфрлиме Бога.


Накратко видовме како да го исполниме сето ова, но доколку се случи да не можеме да ја согледаме нашата гревовна состојба и сме во заблуда, добро би ни дошла и помош.

Ние, како луѓе, поекогаш сме подложни на погрешно расудување и размислување, па би сакал сите да ве повикам и замолам, доколку забележите дека некој што го познавате, познаваме, и доколку видиме дека паднал во грев и греши, а не е свесен за тоа, да му пристапиме, и да му укажеме за неговиот грев, па на тој начин да се покае, и да му помогнеме во неговото преумување. Исто така, кога некој ќе го примети тоа во нас, да постапи исто, да ни помогне да можеме да го воочиме нашиот грев, да се покаеме и да преумувањето се случи и во нас. Ова се однесува на личното, односто индивидуално преумување.

Кога станува збор за општественото (колективното) преумување, тогаш е посложено, но сепак е возможно. За насоката во која се движи оваа општество, донесуваат одлуки и ја имаат должноста народните избраници кои ние сме ги избрале. Од нивните одлуки зависи исто така дали ова општество ќе го водат кон грев, или не, и доколку го водат кон грев дали ќе се покајат и преумувањето ќе се случи или не. Доколку забележиме дека ова општество паднало во грев, благодарение на нив, и доколку не го гледаме покајанието и преумувањето нивно, тогаш на нас останува дали повторно ќе им ја дадеме нашата доверба да не водат во грев или не.

Да се помолиме на Бога, да ни помогне во ова наше дело, да преумувањето се случи и да биде делотворно.

Сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

Автор: Богослов Борис Каревски