ЛИКОВНАТА КОЛОНИЈА ВО ВАЛАНДОВО ЗА 24 ПАТ ПОДАРИ КОЛОРИТ И ИНСПИРАЦИЈА

/

Годинава по 24 пат се оддржа ликовната колонија во Валандово. Културниот настан од меѓународен карактер започна на 24 Јуни а заврши на 29 Јуни.

Годинава во колонијата земаа учество 14 уметници од кои четворица беа од Валандово, Скопје и Струга а останатите представници од Шведска, Романија, Србија, Косово, Албанија, Турција и Бугарија.

„Консталацијата на групата беше извонредна. Балансирано учество на машки и женски а исто така и нивната младост и старост. Би сакала да назначам дека годинава повеќето од учесниците се наградувани уметници со висока компетенција во своите земји. Неколкумина  работат и како професори-професорки  на уметност иако се сеуште невообичаено млади- вели за нашиот портал Гордана Винчиќ организатор на колонијата.

Винчиќ ја поздрави одличната организација од страна на вработените во Домот на културата.

„Гостопримството на Валандово предизвика радост и голем интерес кај уметниците за повторно учество“. Уметниците беа сместени во цeнтарот на градот со што ќе се овозможи и поблиска дружба со локалното население. Заинтересирани и љубопитни граѓани непосредно го набљудуваа творењето на уметниците. Спонтаната дружба овозможи многу нови пријателства и размена на искуства“- ни раскажува уметничката Гордана Винчиќ.

Нашата драга соговорничка го изрази своето задоволство и од фактот што оваа година колонијата даде простор и на најмладите ликовни уметници да ја изразат својата автентичност.

„Посебно се радувам за учеството на нашата најмлада и особено талентирана учесничка Срна Галевски од Скопје. Ученичка е во средното училиште Лазар Личеноски. Би сакала Валандовската ликовна колонија да инспирира и други организатори, да даде шанса на младите и не толку искусни уметници. Затоа што и ние постарите имаме многу да научиме од нив, они се нашите идни успеси и гордости“ – изјави Винчиќ.

Младата ликовна уметничка Срна Галевски беше љубезна да даде кратка изјава за нашиот портал.



„За мене беше големо задоволство да земам учество во овој културен настан, бидејќи тоа е мојата прва ликовна колонија. Дојдов два дена по почетокот на настанот и имав време да направам две дела. Веднаш откако стигнав сакав да започнам со сликање. Првото мое дело беше комбинација од симболи во контраст. Творам импулсивно, најчесто наоѓам инспирација во делата на познатиот шпански уметник Хуан Миро. Во однос на самата колонија можам да кажам дека дружењето со останатите уметници беше повеќе од прекрасно и би сакала повторно да учествувам во такво случување. Можеби еден ден и јас ќе организирам ликовна колонија. Би сакала да ја изразам и мојата благодарност до организаторите, за тоа што како млад уметник ми беше дадена шанса да покажам мал дел од моето творештво“- изјави за нашиот портал Срна Галевски

За време на својот престој во Валандово уметниците имаа можност да се прошетаат до околните манастири, цркви и да уживаат во природните убавини на нашата земја. Исто така беа и на полудневна посета во Дојран. Градоначалникот на Валандово ги покани и прими на една пријатна дружба каде што имаа можност да споделат свое мислење за колонијата и градот воопшто.

Завршната изложба беше одржана на 29 Јули надвор на самиот плоштад во центарот на градот. Валандовчани од сите возрасти имаа можност да ги видат делата кои секако останаа во сопственост на градот. Големиот број посетители имаа можност да се дружат со уметниците и да уживаа како во нивните дела така и во прекрасната музичка програма која го оплеменуваше настанот.

„Уметниците беа пречекани а потоа испратени од Скопје, цело време со моја придружба. Беа прошетани во стара чаршија, центарот и Дебар Маало а неколкумина од нив по патот за Скопје имаа можнос да го видат и Стоби. Сите беа одушевени од убавината, природата, гостопримноста, срдачноста, дружбата и кулинарството во нашата земја. Неколкумина од нив пристигнаа на аеродромот а неколкумина на автобуската станица во Скопје. Поради ускладување со шемата на авионските летови неколкумина пристигнаа и два дена порано од планираното. Престојуваа во моја организација во Скопје. Секогаш е вистнско задоволство кога уметниците доаѓаат за прв пат кај нас. Уживање е да им ги набљудувам првите импресии за нашата земја. Чест ми беше што ја имав одговорноста на оперативен менанџер како и селектирањето на уметниците учесници“- ни рече нашата нашата пријателка Гордана Винчиќ.



Претходна статија

ЗА ЕДНА НЕДЕЛА САНКЦИОНИРАНИ 292 НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИ ВОЗИЛА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР

Следна статија

ФИЛМОТ „ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА” ЌЕ БИДЕ ПРИКАЖАН НА СЕДУМ ФЕСТИВАЛИ

Најново од Истакнато