|

Мајка и син најдени мртви по поплавите во Грција – порасна бројот на жртви

Бројот на загинати во поплавите што го опустошија централниот грчки регион Тесалија е зголемен.

Пожарникарите соопштија дека вкупната бројка на загинати сега изнесува 14 лица.

Телата на 65-годишен маж и неговата 88-годишна мајка се пронајдени во близина на градот Кардица, каде што спасувачите непречено продолжуваат да трагаат по исчезнатите.

Според претходниот извештај имаше дванаесет загинати.

„Од утрото во вторник, 5 септември до утрото во недела, 10 септември, спасени се 4.250 луѓе. Сите се пренесени на безбедно“, се вели во соопштението на грчката противпожарна бригада, додека Цивилната заштита извести дека по пет лица се’ уште се трага и се водат за исчезнати.

Во градот Волос се уште е проблематично водоснабдувањето бидејќи во невремето беше уништен дел од водоводната мрежа. Грчкото Министерство за здравство предупреди дека „водата не е за пиење“. На подрачјето на планината Пелион се уште нема струја и вода, а бурата Даниел во понеделник и вторник ја погоди провинцијата Магнезија и ги оштети главните патишта.

Разорното невреме следеше по големите шумски пожари во кои загинаа 26 луѓе во Грција во текот на летото. Речиси истовремено во Турција и Бугарија, две земји кои граничат со Грција, 12 лица загинаа како последица на обилните дождови во изминатите неколку дена.

Слични Објави