МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИОТ КАТАСТАР

Поминаа веќе 28 години независност, Агенцијата за катастар на недвижност, која после осамостојувањето беше Државен завод за геодетски работи, а некаде пред десетина години се преименува во Агенција, многу малку се споменува во јавноста, но беше и остана едно од најголемите дувла на криминалот во независна Македонија.  

Како геодетски инжинер, веќе четврт век се занимавам со геодетска дејност и активно сум вклучен во сите измени на Законите за катастар на недвижности, но и покрај сите мои напори и напорите на моите колеги – професионалци, наместо да се приближиме кон европските и светските стандарди, ние се сведовме на мафијашко подземје во кое секојдневно се вршат промени во недвижностите, исклучиво за лични партиски и бизнис интереси.

Ќе започнам со идејата за носење на првиот Закон за катастар на недвижности уште во раните 90 години, кога за прв пат во Македонија беше извршен аерофотограметрискиот премер на целата територија. И уште од тогаш започнаа проблемите.

Нели кога се гради една куќа, прво е потребен проект, па градежна оператива, па градежни материјали и се почнува од темелите па нагоре…

Со катастарот уште од старт се тргна наопаку.

Започна аерофотограметриското снимање, а тогашниот Завод за геодетски работи како единствена државна установа, ограничена со кадар и опрема, секако многу неспремно одговори на тој предизвик, односно не беше во состојба теренски да ја покрие целата територија со ажурирање на аерофотограметриските снимки, па се случи и кревети и маси кои луѓето ги извадиле во своите дворови да бидат регистрирани како објекти, а гранките од дрвата кои ги прекриле објектите, истите воопшто да не бидат евидентирани, односно да бидат запишани како ниви или овоштарници, и ред други работи.

Дури после неколку години се сетија дека секаде во европските развиени земји, теренско-оперативните работи ги вршат приватните геодетски фирми, но откако некој ги ,,спастри,, огромните парични средства добиени од Европска банка во својот џеб, решија да им дадат шанса на приватните геодети.

И тука беше првиот кушлус. Непостоечки објекти, постоечки, но не добро снимени, изместени граници, на народот им наталожија милиони проблеми, направија секој сосед со секого да влезе во конфликт, па да дојде и до судски спорови, а ,,бељата,, се фрли, на кој ако не, на приватните гедетски фирми.

Како поминуваше времето, со многу брз ритам се носеа измени на законите со кои се повеќе се оптоваруваа геодетските фирми кои за да го започнат својот бизнис им беа потребни минимум 30 000 ЕУ па нагоре.

Со пренаичување на Државниот завод во Агенција за катастар на недвижности, самото име, а и статутот беа дека Агенцијата ќе претставува само база на податоци за спроведување на катастарските операти и елаборати и сите промени кои настануваат со недвижностите. Но што се случи? Од ден на ден, повеќе од половина теренско-оперативни работи ги превзедоа и секако со пари од буџетот и граѓаните се опремија со најсовремена опрема и станаа тотално нелојална конкуренција на приватните геодетски фирми, посебно при снимање на објектите за легализација и бесплатните геодетски елаборати за т.н. социјални случаи.

А да не зборуваме за енормно големите глоби, одбивањето на елаборатите на странките, наместо партнер во работата, Агенцијата стана најголем непријател на приватните геодети.

Се формира и Комора на овластени геодети во која активно учествував и постојано баравме од тогашното раководство да се променат некои односи, дури и во едно интервју за еден портал, поранешниот прв човек на Комората изјави дека со таква политика на геодетските фирми ќе им се случи колапс.

Како што се промени власта во државата, се очекуваше и подобрување на односите со Агенцијата за катастар и поблиска соработка за решевање на проблемите на граѓаните. Но што се случи?

Најголемиот поборник за промени, истиот тој поранешени прв човек на Комората, сега застана на чело на Агенцијата. И кога сите се израдуваме и очекувавме конечно подобрување, настана најголемиот хаос во Катастарот од неговото постоење.

Тендер политиката му стана најважниот сегмент, за миг ги заборави сите проблеми кои заедно се трудевме да ги решаваме, затоа што неговите фирми одлично фунционираат, а за другите навистина се случи најавениот колапс. А многу лесно ги заборави и своите довчерашни колеги со кои беше на иста борбена линија.

И што е најважно, после две години водење на Катастарот не успеа ниту еден Закон да промени, затоа што сега од другата страна на сцената тие исти закони одлично му одговараат, во неговото најблиско опкружување ги собра искусните криминалци од времето на транзицијата и Катастарот или како што некои милуваат да го наречат Кримтастар или Нервно одделение стана уште поголемо криминално дувло.

Не се почитуваат ниту закони, ниту судски одлуки, едноставно се однесуваат како држава во држава, си носат свои одлуки донесени од нивните (при)правници кои се појаки и од адвокатите, па и од врвните судии од највисоките судски инстанци.

Како граѓанин на Охрид, ќе напоменам дека повеќе од две години охридскиот катастар воопшто и не функционира (секако за нормалните граѓани) но одлично функционира за криминалците од урбаната мафија, па затоа и нема потреба од раководител на одделението, истото го води раководител од друго одделение, кој незаконски ја врши и функцијата в.д. раководител во Охрид, но затоа пак е искусен и докажан манипулант, познат по аферите за незаконското запишување на извесни хотели на Охридско-струшкото крајбрежие од пред петнаесетина години, за кои дела се уште не се завршени судските постапки… ете така дојде животот во Македонија, ЗБОРОТ Е ЗБОР. ЗЗ…..

Автор: Владимир Каневчев, геодетски инжинер