МАКЕДОНИЈА – КОСОВО ЌЕ СЕ ИГРА БЕЗ ГЛЕДАЧИ?!

/

Историскиот меч на Македонија против Косово во баражот за пласман на Евро 2020 закажан за 26 март годинава многу веројатно е да се одигра без гледачи поради заканите од коронавирусот, откако денеска министерот за здравство Венко Флипче објави дека се продолжуваат превентивните мерки за јавни собири и спортски настани без публика засега до 13 март.

Филипче на денешната прес-конференција објави дека по препорака на комисијата за заразни болести и комитетот за следење на состојбите со коронавирусот, добил препорака да се продолжи забраната за спортски настани без гледачи засега за уште една недела и тој истата ќе ја препрати на седница на Владата. Македонија воведе превентивни мерки откако се појави еден случај на коронавирус во земјава за забрана за јавни настани до 6 март, а само мечот Вардар – Монпелје во последното коло од ракометната Лига на шампиони во ЦС „Јане Сандански“ се одржа со публика.

Три недели до историскиот меч веќе се продаваат влезници за мечот закажан за 26 март на Националната Арена „Тодор Проески“, но министерот објави дека само за еден ден во Европа бројката на заразени се зголемила за 1.000, а денеска во земјава се појавија два сомнителни случаи на коронавирус, кај странци, па хотел во центарот на Скопје е ставен во карантин.

Продолжувањето на ширењето на епидемијата, повеќе од извесно ќе значи дека многу веројатно и мерките на претпазливост и мечеви без публика да го фатат и терминот за одигрување на мечот на Македонија со Косово. Посебно што и Филипче меѓуредови посочи дека забраната за мечеви со гледачи е за големи настани на кои се очекуваат и многу гости од странство

„Утрово имавме состанок на комисијата за заразни болести и комитетот кој го формиравме за следење на состојбите околу коронавирусот од страна на стручните лица, експерти и епдемиолозите и беше предложено до мене, а јас тој предлог ќе го доставам до владата, а тоа е препораката да не се одржуваат масовни јавни собири, како и спортските големи натпревари на кои се очекуваат луѓе од странство, да се одржуваат без публика и тоа за уште една недела до 13 март. Оваа мерка доаѓа како резултат на тоа што бројот на лица заболени во Европа континуирано се зголемува. Утрово има преку 4.000 заболени во Европа, за 1.000 повеќе во однос на вчерашниот ден“, рече Филипче.



УЕФА по Конгресот во Амстердам најави дека за секој меч ќе делува поединечно и нема да носи одлуки на своја рака, туку ќе ги следи препораките на здравствените власти на секоја земја, па врз база на тоа ќе донесува одлуки за одржувањето на мечевите во претстојниот период. Италија, која е најзафатена со коронавирусот веќе забрани мечеви со публика до 3 април, Швајцарија ги откажа сите настани до 23 март…

Изминатата недела сите спортски организации во Македонија експресно ја прифатија препораката, па спортските настани воглавно се играа пред празни трибини со исклучок на мечот на европскиот ракометен првак, а извесно е дека и во следните седум дена тие препораки ќе бидат почитувани од спортските федерации.

Извор: Спорт1

Претходна статија

ГРАД СКОПЈЕ БАРА ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ СОПСТВЕНОСТА И ОДРЖУВАЊЕТО НА ДЕЛ ОД СПОМЕНИЦИТЕ ОД „СКОПЈЕ 2014“

Следна статија

70-ГОДИШНА ВЕЛОСИПЕДИСТКА ПРЕГАЗЕНА ВО СКОПЈЕ

Најново од Вести