Македонија меѓу Унијата и Томосот

//

Пишува: Владимир Перев

Долг, тежок и трновит е патот на Македонија кон Европската Унија, како што е долго, уште подолго, нејзиното патување кон сопственото етничко и верско себепрепознавање, поточно, кон барањата упатени до соседите за признавање на сопственото видување за себе сѝ. За жал, инструментите кои ги користи државата и нејзините челници се застарени, демодирани и мирисаат на отровите од распаднатиот претходен, југословенски и комунистички (полу)свет во кој сите ние живеевме…некои од нас беа задоволни, а повеќето ги влечеше инерцијата на времето и силом наложените вредности. Новото време кое дојде по 1990 година донесе извесно затишје во насилието на етикетирањето на луѓето и нивните определби, за сега, кога земјата и народот се во идентитетски ќорсокак, одново се подигнат старите, одамна заборавени термини за јавен линчи и прогон на инакумислечките. Не само тоа, некои етикети се ставаат без да се води сметка за моментот, времето и политичките особености на мигот.

Думите “фашизам“ и “нацизам“ се модернизираа и во Македонија станаа синоним за етикетирање кон сите оние кои сакаат да се оттргнат од злосторничките сеништа на минатото, барајќи го сопствениот и излезот на својот народ кон една поинаква иднина. Зборовите фашизам и нацизам, посебно се “воздигнаа“ во времето на чествувањето на Клубот “Ванчо Михајлов“ во Битола. Се кажуваа прво за самиот Ванчо, за потоа да се пренесат и на другите кои беа на чествувањето, политичари, обични граѓани, граѓански активисти и слично, за конечно сето тоа да се преформатира и каже врз цел еден народ. Крешчендото се достигна кога го чувме Павле Трајанов да каже дека “тоа е Бугарија која го негира македонскиот народ. Тоа е своевидна геноцидна политика“, или така некако!

Читам етикетирање на долгогодишниот дипломат Ангел Димитров, заради неговото учество на погребението на Ванчо Михајлов во Рим, во 1990 година. Се става под сомневање “компетентноста и професионалноста на Ангел Димитров“ затоа што бил на погребот на Михајлов “кој кој бил фашист по убедување и дејствување, чија идеологија биле нацизмот и антисемитизмот, апсолутно и дефинитивно ги доведува во прашање не само професионалноста и идеолошката, морална и етичка вертикала на г. Ангел Димитров туку и ориентацијата и компетентноста на историската комисија од бугарска страна“. Сето тоа кажано, само заради присутноста на еден погреб.

Се наметнува прашањето дали сите оние кои биле на Титовиот погреб се комунисти и болшевици, или дали сите кои биле на погребот на архиепископот Ангелариј биле длабоки верници во Христовото православие и доследни почитувачи на МПЦ, со името кое таа го носеше, барем до сега. Во Рим тогаш, има и други личности. Се гледа и Христо Матов, внукот на идеологот на ВМРО Христо Матов, а има и други (необјавени) фотографии кои го потврдуваат присуството на Марија Коева, ќерката на Тодор Александров, Димитар Гоцев, председателот на софиското ВМРО во тоа време и син на херојот од затворот Идризово, политичкиот затвореник и емигрант Георги Гоцев. Тука некаде се и фотографиите на браќата Лебамови, едниот Иван, шеф на разузнавачката служба на Националната гарда на Америка за време на Берлинската криза во 1961 година, и на Георги Лебамов, воен пријател на полковникот Донован од ОСС и негов разузнавач, а и познаник и “добар пријател“ со нашиот Добри Величковски-Циганот. Во таа група на споменати а и уште многу неспоменати, дали само Димитров е единствениот со “сомнителна компетентност“ или човекот го девалвираме заради нашите несогласувања во Заедничката комисија.

Од сето ова човек треба да извлече некои поуки, ако живееме во познатите за нас “критични времиња“. Со кого треба да се дружиме, за да бидеме соодветно етикетирани? Дали затоа што сум се дружел седум-осум години интензивно (по цели ноќи во “Боеми“) со сега веќе подзаборавените Бранко Зарески или Киро Чауле и Бане Ковач, би можел да ја понесам етикетата на “генијален пишувач“, или пак останувам само на нивото на “голем пијач“ како нив…кој ќе ме етикетира. Дали ќе ме проверува на текст, или на чашка целовечерно дружење…ајде да видиме!

На погребот на Михајлов има една личност која не се гледа, но тоа е може би најважната личност во целата процесија. Се вика Иван Илчев и тој го држи посмртното слово на одарот на Ванчо, онака како што е педантно забележано во “Македонска трибуна“. Кој е Иван Илчев?

Иван Илчев е човек со брилијантна биографија. Роден е во Неврокопско и како млад учи во Семенаријата за поп. Но, се оддава на револуционерна дејност (се сеќавате нели, на нашиот многу сакан Јосиф Џугашвили), се приклучува кон ВМРО и е еден од најблиските на Радко. За време на Втората светска војна раководи со дел од (контра) четите на “Охрана“ во Костурско, некаде околу Екши-су (Врбени ил сега Ксино Неро), специјализиран за борба против грчките националисти кои ги тероризираат жителите (македонци/бугари) од селата во Костурско. Наоружани се со италијанско оружје, а по падот на Италија, се приклучуваат на Вермахтот, земаат германско оружје и се борат против комунистите, додека тоа е возможно. По крахот на Германија, Иван Илчев заедно со Михајлов, Менча Карничева, Асен Аврамов и некои други се во мало место во Австрија во близина на американската и британската окупационна зона, за потоа со помошта на католичката црква, да минат во Италија. Сега следи најубавото. Од Италија Илчев заминува за Америка, оди во Вашонгтон и станува главен уредник на Радио “Глас Америка“ на бугарски јазик. Има пристап до сите документи во Конгресната библиотека (затворен оддел) и е наоружан со извонредни знаења и општествени позиции. Со него се запознав во 1995 година во Вашингтон на Конвенција на МПО. Беше во поодминати години и полупарализиран. Во првиот миг не се разбравме многу, но потоа, преку бугарската новинарка и историчарка Марија Киселинчева ми остави дел од своите спомени за борбите во Костурско со андартите и комунистите. Имам дел и од неговата биографија пред ЦИА, односно неговото си-ви пред американците. Сѐуште ништо не сум објавил и чувствувам лесна грижа на совеста…овде нема херои, јас исто така не сум херој, сите ние го плаќаме данокот на времето и на насилниците во идеологијата.

Најубавото нешто е нашата заедничка фотографија на која се гледаме јас, Ристо Пецев од Струмица, Гордана Стошиќ, Владе Милчин, докторот Ноно од Струмица и уште некои кои не се гледаат на фотографијата. Со нас е и Иван Илчев. Седиме на иста маса на Конвенцијата, заедно јадеме, пиеме и пушиме. Само нему, на Илчев му беше дозволено да пуши во хотелот Мериот Гетавеј во Вашингтон, а ние се “гребевме“ покрај него. Обезбедувањето не нѐ пипна, не нѐ погледна. Се тргнаа на страна. Сега прашање за милион долари: кој е овде фашист и хитлеровец, кој е комунист и болшевик и кој е агент на ЦИА…напоменувам дека сите одлично се сложувавме на масата. Илчев стигнува во Америка со помошта на кардиналот Ронкали, големиот пријател на Бугарија. Ронкали подоцна станува римски Папа Јован XXIII (1958-1963 g.) и е познат по своите залагања за спасот на евреите и за слободата на духот и верата. Тој е оној претставник на католичкиот клир, кој го носи Михајлов во Рим и е негов заштитник. Нешто не е јасно, нели? Е, па, работите не се секогаш онакви какви што изгледаат на прв поглед. Затоа јасно ми е на масава кој е кој и кој е со кого, но оние кои лепат етикети, немаат абер од таа работа. Тие што знаат си молчат. Иначе, Георги Лебамов ги правеше фотографиите и сите ги имаме. Не знам дали другите ги сочувале, но знам сигурно дека Владе Милчин ја има. Една фотографија, илјада зборови, нели…

Од лево на десно на фотографијата: Иван Илчев, авторот на колумната Владимир Перев, Гордана Стошиќ, Владимир Милчин, Ристо Пецев и д-р Ноно од Струмица.

Во Бога верувам, ама не сум некаков голем верник. Се трудам од попови и офицери да се држам на страна. Имам лоши искуства. Бог дал, таква ми била судбината, да ги имам и едните и другите во моето семејство во доволен број. Се гордеам со нив, но никогаш не сум помислил да тргнам по тој пат. Како христијанин влегувам во секој храм, не ми се туѓи ни католичките ни протестанските. Сепак, онака академски ја следам расправата за нашата македонска црква. Сакам да биде призната, сите сме крстени во нашата црква, дури и моите внуци. Тука нема дилеми. Недоразбирањата настануваат од читањто, таа проклета страст на безработните. Не разбирам што се случува, ама тоа неразбирање трае долго. Васељенскиот патријарх нѐ признал за сослужување како еднакви, ама СПЦ требало да каже кога и како ќе сме биле навистина еднакви. Најважно е како ќе се викаме. Но не помалку важно е каде сега ќе се најде српскиот “егзарх“ Вранишковски. Што ќе се случи со него и нашата МПЦ.



Ние како народ не знаеме како се викаме. Се самонарекуваме македоци, а оние другите, од саканата ни Европа, нѐ нарекуваат “северномакедонци“! Јас се нарекувам македонец, ама оној министерот не сака да биде македонец, бил албанец. Добро, велам јас, па и јас сум бугарин (се бориме да влеземе во Уставот, нели), па велам македонец и сѐ е во ред. Кафеански муабет, ама во кафеана не седат само пијаници, нив сега ги нема, скапо е! Кафеанскиот пријател ми вели дека “ти немаш право да се нарекуваш бугарин, а министерот може бидејќи е уставна категорија, а тебе те нема“. Потоа иронично додава дека такви како нас бугарите, “фашисти, нацисти и геноцидни“ не треба да не има во Уставот…сме биле срам за нацијата. Значи, во нашиот Устав има само демократски “делови од народи“, српски, албански, и други. Сите биле демократски…Господе, до каде стигнавме.

Господ ќе ни помогне, ама само преку црквата. Така нѐ учат. Ама Црквата не знае како се вика, барем не овие неколку дена. Дали е македонска, северномакедонска или воопшто нема ништо македонско, туку е само охридска и како што слушам, била и скопска.

Лепењето етикети може да биде забава, додуше злобна, ама сепак забава. Тоа е само кога си активен, кога ти лепиш…кога ти залепат етикета не боли многу, ама кога ја одлепуваш, болките се страшни. Колку пати ја одлепуваме “северномакедонска“ а таа се влече по нас и сѐ повеќе се прицврстува.

Васељенскиот патријарх кажа една вистина, дека црковниот спор ќе се решава со Белград. Патот води натаму. Пропушти да каже дека патот кон ЕУ води преку Софија и до сега никој сериозно не се потрудил да ги поправи дупките. Работата оди бавно. Но, Патријархот заборави да каже дека ако Црквата ни се нарече Охридска, како кондуктер по патот, за да наплати карта, ќе се појави пак Софија. Дупло врзано…

Помина времето за безпредметни етикетирања на луѓето и настаните. Таа работа сега не поминува, не функционира, никого не потресува и не врши никаква работа. Треба да се сообразиме со суровата реалност. Не е реалноста во овој свет насочена кон нас, ама ние не можеме да ја прифатиме. Таа реалност се разликува од нашите поимања за себе сѝ и за сѐ она што не учеле дека е вистина. Затоа седниците на Комисијата се болни и полни со нетрпеливост кон другите…заради “другата“ вистина. Тука не помагаат никакви девалвирања и етикетирања.

“Геноцидната политика на Бугарија“ така пластично претставена од Павле Трајанов е само неуспешен обид на немоќниот да влијае на настаните и состојбите кои ги решаваат некои други, над неговото ниво. Тоа е нашиот, македонски синдром. Заради тоа, сите ние треба да се привикнеме на реалноста, како единствен начин на опстојување. Да, има и некои други, вистински херои. Во моментов тоа се хероите и жртвите од “Азовстал“, но се сомневам дека Павле или некој од нашите раководители, се подготвени за такви жртви. Тие би сакале само да жртвуваат цел народ пред портите на Европа, за да опстојат со своите ексјугословенски позиции на комотноста, во толкувањето на самобитноста на нашиот народ!

Нас не учеа дека сме живееле под двојно ропство-турско материјално и грчко духовно. Нели ви се чини дека и сега е така, само што носителите на ропството се етикетирани поинаку, ама и народот ги доживува поинаку! Секој ќе си ја плати сметката! Во меѓувреме ќе живееме меѓу слободата и томосот!



Претходна статија

Генчовска: Ќе продолжиме да го следиме прашањето за пристапот до архивите на Бугарската егзархија во РС Македонија

Следна статија

Во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје се одржа дводневна работилница за креирање уметнички дела од мозаик за деца и возрасни со аутизам и други специјални потреби

Најново од Истакнато